Епидемија на заразна жолтица е прогласена само на подрачјето на населбата Даме Груев во скопската општина Ѓорче Петров, откако анализите покажале дека во периодот од 11 ноември до 23 декември оваа година на ова подрачје биле регистрирани девет случаи на заразна жолтица, од кои седум биле епидемиолошки поврзани.

– Со оглед на констатираната состојба и епидемиолошките критериуми за пријавување епидемија, Одделението за епидемиологија при ЈЗУ ЦЈЗ Скопје пријавува епидемија на заразна жолтица само на подрачјето на населбата Даме Груев во општината Ѓорче Петров, Скопје. И во општината Шуто Оризари се регистрираат два епидемиолошки поврзани случаи (сестрички), но нема индикации за пријавување епидемија во општината – се вели во соопштението од Министерството за здравство.

Од први септември до 26 декември на подрачјето на Скопје се регистрирани вкупно 68 случаи на заразна жолтица (48 случаи се диференцирани како вирусен хепатитис А и 20 случаи се вирусен неозначен хепатитис) т.е. зголемен број на случаи во споредба со 2016 година истиот период, кога биле регистрирани шест случаи, 2017-та со 35 случаи и 2018 година со 28 случаи.

Министерството за здравство апелира до граѓаните да се следат препораките за санитарно-хигиенски и противепидемиски мерки.