Причина за смртност на околу 3.000 лица годишно во Македонија, која е и петти главен ризик-фактор за смртност во светот, претставува загадувањето на воздухот, истакна Јонас Коивисто, специјалист за управување со загадување на воздухот и вонреден истражувач на Универзитетот во Хелсинки.

– Ако не ја разбираме динамиката на загадувањето на глобално ниво, тогаш тоа е како да летате со авион, а да не знаете како функционира. Тоа е ризично, бидејќи летаме, а не знаеме кои се последиците. Има многу работи што не ги разбираме во однос на тоа како нашите емисии имаат влијание врз животната средина – објаснува Коивисто.

Изложеноста на висока концентрација на ПМ-честичките предизвикува смртност од кардиоваскуларни, респираторни и други заболувања, според научните студии, а експертите укажуваат дека нема брза победа на загадувањето, но оти мора да се дејствува, бидејќи овој проблем не може да чека други времиња и други генерации. 

Д-р Јонас Коивисто е менаџер и приватен консултант за справување со загадување на воздухот и истражувач на Универзитетот во Хелсинки при Институтот за Истражување на атмосферата и земјата, кој гостуваше на годинашниот Самит „Македонија2025“ во Скопје.