Фото: Архива

Централната изборна комисија на СДСМ одлучила дека три од четирите поднесени кандидтури за лидер на партијата ги содржат сите потребни документи и ги исполнуваат сите услови согласно правилата кои беа распишани, соопшти Славјанка Петровска на прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање до каде е верификацијата на кандидатурите.

-Рокот за поднесување на кандидатури за претседател истече вчера, поднесени се четири кандидатури. Денеска согласно правилата заседаваше Централната изборна комисија и одлучија дека три кандидатури се целосни со сите потребни документи и услови согласно правилата и условите кои беа распишани, а една кандидатура не е, и таа е отфрлена со одлука на Централната изборна комисија. Kандидатот кој ја поднесе е известен за тоа – рече Петровска.

Кандидатури поднесоа Фросина Ременски, Димитар Ковачевски, Јован Деспотовски и Властимир Алексовски.

Одбиена е кандидатурата на Алексовски, член и активист на СДСМ од Куманово. Алексовски не го исполнувал условот од статутот, најмалку еднаш да бил избран од Конгресот за член на некој од партиските органи.

Вонредниот конгрес на СДСМ на кој треба да се избере нов лидер ќе се одржи на 12 декември.