Македонија се наоѓа на маршрутата по која на пат кон Западна Европа годишно транзитираат стотици мигранти од различни делови од светот. Сепак, она што е интересно е што во мноштвото случаи регистрирани од нашето МВР, одвреме-навреме се бележат и настани во кои граѓани на државите од Јужна Америка се фатени во обид нелегално да влезат во Македонија или да транзитираат низ неа.

Пецо Трајковски од форумот за истражување безбедносни политики „Секуритас“ истакнува дека ако се анализираат последните случувања поврзани со обидите нелегално да се мине нашата државна граница, ќе се забележи дека меѓу стотиците луѓе што од различни причини завршуваат во земјата има и такви што потекнуваат од државите од Јужна Америка.

Според Трајковски, оваа состојба со сигурност е феномен, бидејќи некако сме навикнати мигрантите и бегалците што се затекнуваат во Македонија по потекло да се од државите на Блискиот Исток, Африка или Азија.
Познавачот на случувањата вели дека иако не може да се генерализира, сепак, со внимание мора да му се пристапи на овој феномен.

– Имено, најголем дел од луѓето што потекнуваат од земјите од Латинска Америка, а во последните неколку години се регистрирани од полицијата како нелегално се влезени или се обидуваат да влезат во државата, бидејќи се обидуваат да се спасат од сиромаштијата во нивните татковини, па поради економски егзистенцијални причини преку каналите за шверц со луѓе се обидуваат да стигнат до Западна Европа, каде што се надеваат на подобар живот. Но со сигурност има и такви што користејќи ги маршрутите по кои патуваат мигрантите се тука поради бизниси поврзани со терористичките организации – вели Трајковски.

Тој објаснува дека нашите безбедносни органи ги следат овие случувања и се добро информирани, а пред се тоа се должи на соработката во размената на информациите меѓу државите-членки на НАТО и нашата држава, која наскоро треба да биде нова сојузничка во Алијансата.

Трајковски вели дека во државите во Латинска Америка егзистираат придружни бизниси за перење на парите на терористичките организации од Блискиот Исток, а како најактивни се оценуваат оние на милитантните организации од Либан, односно припадниците на исламистичката шиитска организација Хезболах.

– Па, водејќи се по оваа логика, не може а да не се исклучи и малиот процент на потенцијална опасност што луѓето од тој континент го носат во нашата држава – вели Трајковски.

Според аналитичарот, дополнително, за да се спречат овие случаи, иако се малку на број, треба да се ангажираат и нашите дипломати што ги покриваат државите од Јужна Америка во правец на иницирање на потпишување билатерални договори за соработка во безбедноста со Македонија, за спречување на идните вакви случувања.