Министрите Едмонд Адеми и Никола Димитров денеска го претставија проектот „ЕУ за Преспа“, финансиран од ЕУ, како и „Преспа форумот за дијалог“.

– Во септември минатата година, Владата формираше работна група за поддршка на Преспанскиот регион, а честа да ја водам групата ми припадна мене – нагласи министерот без ресор задолжен за дијаспора, Адеми, кој додаде дека вкупната сума на проектот е 18 милиони евра и средствата ќе бидат обезбедени од ИПА фондовите за 2021 година.

Тој објасни дека целта на проектот е да му понуди на регионот долгорочна и одржлива економска перспектива, а со тоа и задржување на младите во самиот регион.

Адеми исто така го претстави „Преспа форумот за дијалог“ и рече дека тој се појавува како резултат на подобрениот меѓународен имиџ на државата, по потпишаниот Преспански договор и одблокираниот евроатлантски процес.

– Планот ни е, традиционално, секој 17 јуни, кога е потпишан е Преспанскиот договор, да организираме меѓународен форум за дијалог и соработка, на кој би поканиле што поголем број на светски и регионални државници и јавни личности. За тоа, следните месеци, по изборите, ќе ги дефинираме деталите, согласно претходната одлука на Владата – рече Адеми.

Министерот за надворешни работи, Димитров нагласи дека планирано е „Преспа форумот за дијалог“ да биде сместен во мултимедијалниот центар, кој ќе биде изграден како дел од проектот ЕУ за Преспа.

Визуелниот изглед на центарот беше претставен од архитектот Ивана Белчева.