Фото: Игор Бансколиев

Предвидениот пробен попис во април најверојатно ќе биде одложен, со оглед на законската обврска дека во време на изборни активности не смее да се спроведуваат и пописни активности, вели Дончо Герасимовски, поранешен директор на Државниот завод за статистика

Искуството од 2011 година вели дека во Македонија статистичко-економските операции како попис на населението можат да бидат причина за политички премрежиња, па од најавениот попис за 2020 година (по 18 години без релевантни статистички податоци), се очекува да донесе одговори што секако ќе влијаат на понатамошните политички процеси. Особено поради тоа што остварувањето на многу законски права на малцинства во државата се темели токму на процентуалната застапеност на одредена етничка заедница. Во таков контекст, контрадикторно звучат изјавите на премиерот и на директорот на Државниот завод за статистика (кој, всушност, треба да го организира и спроведе пописот) за (не)потребноста од постоење на графата за етничка припадност во анкетните пописни листи. Имено, директорот на заводот за статистика неколкупати изјави дека нема да постои графата „националност“ во пописот, но премиерот Заев од политичка позиција вели дека националноста, сепак, ќе се биде тема во пописот во 2020 година.

– Тоа може да се толкува на повеќе начини. Може да се понудат повеќе можни одговори на ова прашање, но мислам дека се работи и за моментални одлуки, за кои никој не гарантира дека утре нема да се променат. Односно дека Заев нема да рече „па, навистина не ни е потребна графа за етничка припадност“. Но она што загрижува, без разлика кои се неговите мотиви (бидејќи тој се става над науката, или она што се мисли дека е наука), е дека директорот на Државниот завод за статистика децидно тврдеше во неколку свои изјави дека за статистиката или за статистиката како наука е небитна етничката припадност, бидејќи „етничката припадност немала никаква употребна вредност и, според тоа, таа графа би била вишок“. Ако се прифати неговата теза дека е така во статистиката како наука, а од друга страна премиерот вели дека сепак ќе ја има таа графа, тоа значи дека политиката се става над науката, што е поразително сознание, иако во реалноста е така. Што не значи дека не станува збор за една привремена игра на премиерот, па утре да рече „па, добро де, навистина не ни треба таква графа“. А од друга страна, ние немаме никакви релевантни докази дека пописот на населението навистина ќе биде коректен и дека можеби нема да се „штелуваат“ некои податоци – на пример за етничката припадност, и можеби така да се стигне до фамозните 20 отсто за одредена етничка заедница. Според мене, во игра се повеќе елементи. Може само да се нагаѓа за што точно се работи, бидејќи целата ситуација во која ние живееме е крајно недефинирана, па, оттука, можеме да претпоставиме само можни одговори, но не и одговори зад кои можам за да застанам со целата моја личност – вели професорот Љубомир Цуцуловски во една дебатна ТВ-емисија.

Сепак, конечната одлука дали во пописот од 2020 година ќе се регистрира националната припадност сѐ уште не е донесена, иако коалициските партнери во Владата (СДСМ и ДУИ) се согласни да биде „вратена“ во предлог-законот. Законот за спроведување попис сѐ уште не е разгледуван на седница на Владата и не е усвоен, за потоа процедурата да продолжи во Собрание. Навистина, предлог-текстот на законот од Државниот завод за статистика е доставен до Владата, а во него не е предвидено попишување на белегот „националност“. Според тој предлог-закон беше предвидено спроведување пробен попис во текот на април оваа година, но поради одржувањето на претседателските избори голема е веројатноста дека тој ќе биде одложен.
– Предвидениот пробен попис во април најверојатно ќе биде одложен, со оглед на законската обврска дека во време на изборни активности не смее да се спроведуваат и пописни активности. Сега веќе е познато дека официјалната кампања за претседателските избори започнува на први април, а првиот круг на гласање ќе се одржи на 21 април, што целосно се совпаѓа со првично предвидениот термин за пробен попис. Бидејќи вториот круг на изборите за претседател ќе се одржи на 5 мај, ни тој месец не е соодветен за пописни активности, па најбрз можен термин за изведување на пробниот попис е јуни. Освен тоа, сѐ уште не е официјално усвоен законот за попис, кој вообичаено треба да се донесе барем една година пред спроведувањето на пописот, за прецизно да бидат утврдени надлежностите и обврските на сите институции. Исто така, со законот и конечно ќе бидат дефинирани карактеристиките и белезите што ќе бидат опфатени со пописот. Во такви услови, методолошките подготовки за изведување на пописот можат да течат, но многу конкретни операции можат да се спроведуваат дури по усвојување на законот. На крајот, сѐ се сведува – ако има политичка волја, ќе има и попис – вели демографот Дончо Герасимовски, поранешен директор на Државниот завод за статистика.

Фото: Игор Бансколиев

Силјановска: Ќе бидам претседател на страна на народот

Претседателската кандидатка Гордана Силјановска-Давкова викендов оствари средба со граѓаните на Охрид. Како што информираа од нејзиниот штаб, таа го посети манастирот „Св. Петка“ во Велгошти, каде што оствари средби со локалното население и со службата на манастирот. Силјановска остварила средба и со месното население од Лескоец, при што разговарале за нивните проблеми, особено во поглед на урбанизмот и екологијата.

– Мора заедно да се охрабриме и да се бориме против ненародната влада, која покажува негрижа за сопствените граѓани во сите сфери. Ветувам дека како претседателка ќе се залагам за истакнување на сите проблеми со кои се соочуваат граѓаните и дека секогаш ќе бидам на страната на народот – рекла Силјановска на средбите со жителите од Охридско.

Во овие посети, Силјановска била придружувана од кандидатот за градоначалник на Охрид, Митре Милошевски, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, како и членот на ИК, Кирил Пецаков.


Пендаровски: Целиот мој мандат ќе ги штитам правата на граѓаните

Фото: Дарко Андоновски

Целиот мој мандат ќе ги штитам правата на граѓаните, порача во видеообраќање вчераутро претседателскиот кандидат на СДСМ, Стево Пендаровски.

– Оние што не се подготвени да осудат насилство, не може да ја водат државата – изјави Пендаровски.

Тој додаде дека првпат видовме првостепена пресуда за насилниците што сакаа да спречат мирен трансфер на власта на 27 април 2017 година.

– Како претседател имам намера без отстапка во целиот мој мандат да ги штитам правата на граѓаните и жестоко да се борам против секој обид за лимитирање на нивните права и слободи – порача во видеообраќањето претседателскиот кандидат на СДСМ, Стево Пендаровски.