Претседателот Стево Пендаровски ја посети изложбата на дела од реномираниот македонски скулптор, Петар Хаџи Бошков, поставена во археолошкиот локалитет Стоби, а во рамки на проектот насловен „Откривање на иднината: Археологија на модерноста“.

Поставката вклучува четириесетина репрезентативни дела од повеќе творечки фази на авторот, кои опфаќаат четиридецениски период од 1962 до 2004 година.

Пендаровски изрази поддршка и го поздрави целокупниот концепт на проектот, кој истовремено придонесува за оживување на Стоби, презентација и популаризација на локалитетот.

– Не смееме да дозволиме да се заборави наследството на нашите меѓународно признати уметници. Имајќи ја предвид големината на творештвото на Петар Хаџи Бошков, привилегија е да се погледнат дела кои долго време биле зачувани во негова лична сопственост – посочи претседателот при разгледувањето на изложбата.

Идејата за изложба на скулптури од Петар Хаџи Бошков на археолошкиот локалитет Стоби, потекнува од програмата „Стоби – Жив град“.

Делата се изложени на повеќе специфични локации во археолошкиот локалитет, претставувајќи ја врската помеѓу модерните и античките вредности.

Во рамки на посетата, претседателот го посети и депото, каде беа презентирани пронајдените археолошки артефакти на локалитетот Стоби.

За време на посетата, директорот на НУ Стоби, Спасе Перовски, го запозна претседателот Пендаровски со предизвиците и приоритетите на археолошкиот локалитет, како и со идејата за изградба на музејски комплекс.