Континуитет на побудата од државата за Македонската
православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА)

Верските аналитичари ја гледаат оваа средба на Пендаровски како продолжување на континуитетот на поддршката од државата, но и како иницијатива за забрзување на процесот. Во тој контекст, оваа средба дава нов импулс во односите со вселенскиот патријарх

Носи ли нова надеж за Македонската православна црква – Охридска архиепископија последната средба на претседателот Стево Пендаровски со вселенскиот патријарх Вартоломеј и со дел од владиците на патријаршијата, реализирана пред два дена во Фанар? Дали по годината на пандемија е можен исчекор за македонското црковно прашање? Овие дилеми си ги поставува македонската црковна јавност, откако пред повеќе од една година вселенскиот патријарх Вартоломеј одлучи да го стави во процедура барањето на МПЦ-ОА за апелација, од кое треба да произлезе признавање на автокефалниот статус на црквата. Верските аналитичари ја гледаат оваа средба на Пендаровски како продолжување на континуитетот на поддршката од државата, но и како иницијатива за забрзување на процесот. Во тој контекст, оваа средба дава нов импулс во односите со вселенскиот патријарх.

Висока почит и чест за македонскиот претседател во Фанар

Македонскиот претседател во Вселенската патријаршија бил пречекан со биење на црковните камбани, чин што означува висока почит за гостинот.
По средбата, тој потенцираше дека вселенскиот патријарх има особена улога во надминувањето на црковниот спор. Истовремено, Пендароски повика на што поскоро надминување на спорот, затоа што, како што посочи, раната на едно место во православниот свет боли во целиот православен свет.

На средбата се разговарало за состојбите во православниот свет, улогата на вселенската патријаршија во поттикнувањето на меѓухристијанскиот дијалог и соживотот меѓу различните народи и религии. Во таа насока, Пендаровски ја истакнал важноста на улогата на вселенскиот патријарх во поттикнувањето дијалог за сите отворени прашања во православниот свет.

Истовремено на средбата беа разменети мислења за состојбите во регионот поврзани со актуелните случувања во однос на интеграцијата на земјите во Европската Унија, при што патријархот Вартоломеј нагласил дека го поддржува членството на нашата земја во ЕУ, кое преку исполнување на критериумите би донело подобар живот, зголемена солидарност и толеранција.

Вселенската патријаршија не се откажува од решавање
на македонското црковно прашање

Дали сево ова е нова надеж за МПЦ? Ќе се придвижи ли овој процес што поскоро?
Верскиот аналитичар Бранко Ѓорѓевски вели дека Вселенската патријаршија не се откажува од решавање на македонското црковно прашање. Смета дека за признавање на нашата црква не е потребен консензус од сите православни автокефални цркви во православието.
– Оваа средба е охрабрувачка и покажува дека Вселенската патријаршија не се откажува од решавање на нашето прашање. Патријархот јасно покажува дека не се плаши од пораките на Српската црква и дека македонското прашање е активно и дека продолжува да го решава. Во ситуација кога СПЦ има проблем во Црна Гора и во Косово, патријархот веројатно смета дека прашањето за МПЦ треба малку да почека. Прашањето со Украинската црква не е идентично со нашето. Кај нас има поинаква ситуација – вели Ѓорѓевски.

Според него, Вселенската патријаршија е полноправен фактор за решавање на еден црковен спор.
– Таа има право да го направи тоа, како мајка црква на православните цркви и нашето решавање може да помине без согласност на СПЦ, која, секако, ќе има свои реакции по ова прашање – заклучува Ѓорѓевски.

Професорот на Правниот факултет, Александар Спасеновски, и познавач на околностите во православието вели дека симболиката, упатените пораки и ефектите од средбата на претседателот Пендаровски со вселенскиот патријарх Вартоломеј се сведуваат на клучната порака дека „раната на едно негово место боли во целиот православен свет“.
– Потпирајќи се на континуитетот на залагањата на македонскиот државен врв низ годините за решавање на македонското црковно прашање, а следејќи го искуството со Украина, овој настан претставува важен и посакуван пробив, кој треба да влијае во насока на забрзување на динамиката. Вселенската патријаршија, како многупати во минатото има важна историска обврска да ја препознае можноста за конечно, но побрзо решавање на македонското црковно прашање, придонесувајќи децениите да се претворат во години, годините во месеци, а месеците во денови – вели Спасеновски.
Според него, личноста на патријархот Вартоломеј, пак, како и неговото наследство, управувајќи ја црквата овие децении во светло на овој историски моментум, влеваат оптимизам дека оваа генерација православни христијани ќе посведочат за вклучувањето на Македонската православна црква во заедницата со преостанатите православни цркви, чија глава е Вселенската патријаршија.

На последниот Сабор на Српската православна црква одржан пред речиси еден месец, прашањето за МПЦ беше на маргините, односно воопшто не стана збор за оваа тема.
Епископот бачки Иринеј веќе неколкупати го има искажано својот став, кој е јасен и дециден, дека нема голема причина СПЦ сега да се занимава со македонското црковно прашање, освен да се повторат веќе познатите позиции.

За истакнување е дека минатата година се случи нова дипломатска иницијатива на македонскиот државен врв за враќање на црковното прашање на масата на вселенскиот патријарх. Прво претседателот Пендаровски, а потоа и премиерот Зоран Заев испратија писма до Вартоломеј, во кои побараа тој да го искористи апелациското право како дел од неговите канонски надлежности и да го реши црковното прашање за МПЦ-ОА.