Фото: Маја Јаневска-Илиева

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска и началникот на Генералштабот, генералот Васко Ѓурчиновски денеска се сретнаа со претседателот Стево Пендаровски кој беше во својата прва посета на двете институции како претседател и врховен командант на Армијата.

– Армијата на нашата држава ја ужива најголемата доверба кај граѓаните и таа навистина заслужува врховен командант како вас – со интегритет, со чесност и со јасна визија за тоа каде треба да оди државата – рече министерката Шекеринска.

Министерката посочи дека денеска, кога и Владата одбележува двегодишнина од почетокот на мандатот, можеме да бидеме горди на постигнатото, на преземените решителни чекори со кои се отвори вратата кон нашата тридецениска цел – членството во Алијансата, истакнувајќи дека токму претседателот Пендаровски беше витален дел од исполнување на овој национален и државен стремеж.

Шекеринска изрази убедување дека државата доби врховен командант кој ќе биде предводник и лидер во процесите за развој на Армијата, особено бидејќи претседателот е човек кој верува и ги практикува вредностите на Алијансата – демократијата, слободата, еднаквоста, владеењето на правото, но и отчетноста, транспарентноста и доброто владеење.

Претседателот Пендаровски оваа посета на Министерството и Генералштабот ја гледа како суштинска. Претседателот има уставни и законски ингеренции во одбраната, но и како симболична, имајќи предвид дека Министерството и Армијата најдиректно ќе станат дел од НАТО.

– Со министерката за одбрана и НГШ на средбите разговаравме за клучните чекори кои следат за да бидеме целосно подготвени за нашето членство во НАТО. Како претседател тесно ќе соработувам со двете институции – секогаш ќе сакам да го слушнам мислењето на МО и на Генералштабот за проблемите и предизвиците со кои се соочуваат и ќе се вклучам во изнаоѓањето на најдобрите решенија што заедно ќе не водат напред – рече претседателот, додавајќи дека државата направи историски чекори кои ја донесоа поканата за членство во НАТО.

Претседателот истакна дека вложувањето во Армијата подразбира и вложување во професионалните стандарди, како и во животниот стандард на војникот што мора да биде наш приоритет.

– Ме радува фактот што во последната година буџетот на ресорот одбрана почна да расте и јас ја охрабрувам Владата да продолжи со овој тренд со уште посилно темпо. Како одговорна НАТО членка ние ќе мораме да дојдеме до стандардот на издвојување на 2 отсто за одбраната до 2024 година. Во Армијата мора да се вложува. Преку спроведување на темелни реформи во безбедносниот сектор да продолжиме да градиме професионална и технички современа НАТО армија – рече претседателот.

Во Министерството, претседателот Пендаровски ги посети и НАТО – Канцеларијата за врски и Канцеларијата за одбранбена соработка на САД.