Претседавачот на воениот комитет на НАТО, воздухопловен маршал, Стјуарт Пич, за време на неговата прва официјална посета на Македонија, на покана од началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, денес престојуваше во Генералштабот на Армијата и Министерството за одбрана каде се сретна со министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

За време на средбата помеѓу генералот Ѓурчиновски и маршал Стјуарт Пич се разговараше за тековните процеси кои се превземаат во Армијата во пресрет на скорешното полноправно членство во НАТО Алијансата, поддршката од највисокото воено советодавно тело на НАТО, како и за претстојната конференција на Воениот комитет која ќе се оддржи следната недела во Брисел.

Од Министерството соопштија дека на средбата со Шекеринска било заклучено дека Македонија е подготвена за полноправно членство во НАТО и дека истото ќе се случи во скоро време.

„Министерката Шекеринска искажа уверување дека позитивниот развој на настаните во Шпанија ќе овозможи нашата земја навреме да го ратификува Протоколот за прием во Алијансата. Претседавачот на Воениот комитет на НАТО, воздухопловниот маршал Стјуарт Пич ги поздрави реформските чекори во трансформацијата на Армијата и ја истакната натамошната поддршка на планот на обуката и вежбите“, се наведува во соопштението.

Пич истакнал дека претстојната фаза на потполна интеграција се очекува да биде полесно остварлива со оглед на нашето досегашно искуство, како и дека можеме да очекуваме целосна поддршка од НАТО командните структури на сите нивоа.