Фото: Игор Бансколиев

Директорот на секторот за контрола и известувања во ДГ „Бетон“ АД Скопје, Горан Мауровски, е меѓу 40-те најуспешни млади бизнис-лидери во Југоисточна Европа. Тој е добитник на престижното признание „најдобрите 40 бизнисмени под 40 години“ (Business Elite’s 40 Under 40) на манифестацијата „Врвни светски брендови“ (Global Top Brands Awards), која е посветена на извонредните млади менаџери и претприемачи на возраст под 40 години, визионери и иноватори кои со своите постапки го менуваат начинот на кој работат компаниите.

Мауровски со своите 33 години е основач и сопственик на три компании, едната во областа на градежништвото, другата е во областа производство, а третата се занимава со трговија. Од почетокот на 2016 година е назначен за член на надзорниот одбор на ФАКОМ. По успешното раководење во неговите компании, на почетокот на оваа година доби покана и се придружи во тимот на една од најголемите и најуспешни градежни компании во Македонија и регионот, „Бетон“. На позицијата директор на секторот за контрола и известување тој е иницијатор за модернизација и дигитализација на сите процеси во компанијата. Одговорен е за ефикасно и ефективно работење на самата компанија, а воедно е и иницијатор за работа на странски пазари и за проширување на дејноста надвор од границите на Македонија.

– Мојата мисија е „Бетон“ повторно да биде водечка градежна компанија во Европа како што било некогаш, компанијата била присутна во поголемиот дел од западноевропските земји и на Блискиот Исток – посочи Мауровски.
Тој, воедно, е и еден од основачите на Македонската асоцијација на инженери- консултанти (АЦЕМА), која стана членка на светската ФИДИК и на европската ЕФЦА, кои ги стандардизираат моделите на договори во градежништвото на светско ниво.
– За Македонија прифаќањето на стандардите ФИДИК е многу важно, затоа што сите светски организации и институции кои финансираат големи градежни проекти, како Светска банка, ЕБРД и други, ги користат моделите на договор на ФИДИК. Целта на асоцијацијата е преку врвни експерти за ФИДИК да се донесат и пренесат знаењата на сите засегнати страни и во нашата земја – додаде Мауровски.

Наградата „најдобрите 40 бизнисмени под 40 години“ на манифестацијата „Врвни светски брендови“ е креирана да препознае и да даде признание на најуспешните бизнисмени низ светот и да ги поврзе меѓусебно со цел зголемување на можностите за проширување на нивниот бизнис и зголемување на профитот.
– Бидејќи големите умови размислуваат слично, а колективните умови успеваат заедно, уникатниот начин на креирање мрежи и создавање платформа за идна соработка на најуспешните луѓе од бизнисот е преку организирање на престижни бизнис-самити во најзначајните бизнис-центри како Њујорк, Торонто, Дубаи, Лондон, Амстердам итн. – велат организаторите.

Тие истакнуваат дека наградените менаџери се инспирација за другите луѓе и тие на некој начин веќе започнале да им возвраќаат на своите заедници преку најразлични општествено одговорни активности. Според организаторот, речиси е сигурно дека добитниците ќе создадат извонредна кариера и ќе имаат значителни достигнувања во иднина. Е.Р.