Историчарот Александар Раковиќ од Србија вели дека медијацијата што ја предлага вселенскиот патријарх Вартоломеј меѓу СПЦ и МПЦ-ОА нема да донесе ништо ново. Според него, останува да се види дали, по настаните во Украина, СПЦ ќе ја прифати поканата да отиде во Цариград, каде што разговорите би ги модерирала Вселенската патријаршија

Српската православна црква (СПЦ) сѐ уште официјално молчи по најавата на вселенскиот патријарх Вартоломеј дека има намера да биде посредник за решавање на спорот со Македонската православна црква-Охридска архиепископија, но српската стручна јавност е скептична дека крајниот исход би бил издавање томос за автокефалност на нашата црква. Во недостиг од официјални изјави на српските владици, верските аналитичари во Белград оценуваат дека вселенскиот патријарх Вартоломеј прави обид да ги помири МПЦ-ОА и СПЦ, а не да признава нова црква во Македонија.

Оттаму посочуваат дека по средбата што македонската државна делегација, составена од бившиот премиер Зоран Заев и премиерот во техничката влада Оливер Спасовски, пред неколку дена ја имаше со патријархот Вартоломеј во седиштето на Вселенската патријаршија во Истанбул, Турција, патријархот нема да го реши спорот меѓу двете цркви самостојно, туку се обидува да го надмине проблемот со предлагање на медијација.

Историчарот Александар Раковиќ од Србија вели дека медијацијата што ја предлага вселенскиот патријарх Вартоломеј меѓу двете цркви нема да донесе ништо ново. Според него, останува да се види дали, по настаните во Украина, СПЦ ќе ја прифати поканата да отиде во Цариград, каде што разговорите би ги модерирала Вселенската патријаршија.

– Ако се случи разговорот, а не сум сигурен дека тоа ќе се случи воопшто, не мислам дека може да се очекува нешто ново. Прво и основно, неопходно е помирувањето во Македонската црква, што е во раскол со канонската македонска православна Охридска архиепископија, која е дел од Српската црква. Потоа, усогласената Македонска црква може да бара статус различен од автономниот што СПЦ веќе ѝ го дала – вели Раковиќ.
Неколку работи, според Раковиќ, ја поддржуваат тезата дека сега не е време да се почнат разговори помеѓу СПЦ и МПЦ под покровителство на Цариград. Една од нив, според него, е проблемот во Украина.

– Овој земјотрес што се случи во рамките на православниот свет треба да се смири. Мислам дека не е реално во овој момент да се разговара. СПЦ смета дека македонското црковно прашање е внатрешен проблем и, со оглед на ова, или ќе иницира разговори со македонската хиерархија, или ќе излезе во пресрет на нејзиното барање. Не знам дали воопшто е реално за Српската црква да прифати каква било вмешаност на трета страна, како што е патријаршијата на Цариград – заклучува Раковиќ. Инаку, во официјалното соопштение од Вселенската патријаршија пишува дека патријархот Вартоломеј ја примил делегацијата на Македонија по нејзино барање, за да се реши проблемот на непризнаената МПЦ.

Оттаму соопштуваат и дека патријархот одлучил во седиштето на Вселенската патријаршија да се поканат претставници од Српската православна црква и од МПЦ-ОА, во насока на советување и на обид за наоѓање заеднички прифатливо решение меѓу двете страни.

Засега во Македонија само доскорашниот премиер Зоран Заев имаше иницијатива за поддршка, со писмото што го испрати до вселенскиот патријарх и во кое побара решавање на статусот на МПЦ-ОА.

Првичните прогнози на македонската експертска јавност се дека македонското црковно прашање станува дел од приоритетите на Вселенската патријаршија и во периодот што следува треба да се очекуваат многу поконкретни чекори за решавање на овој повеќедецениски проблем во православието.

[email protected]