Сообраќајот на патниот правец Р1402 Струмица – Мокрино – Смолари кај Мокрински извори е во прекин поради нанос на коловозот. Екипите на Ј.П. Македонија пат работат на расчистување на коловозот и нормализирање на сообраќајот.

На патниот правец Крак Маврово – Жировница и патниот правец Тетово – Попова Шапка, има дополнителна забрана за камиони и автобуси, а за останатите е задолжителна употребата на зимска опрема.

Патниот правец Македонски Брод – Скопје (кај с.Близанско) е блокиран за сообраќај за сите возила, поради одрон на патот.

Патниот правец Куманово – г. п. Белановце, помеѓу с. Алашевце и с. Извор е затворен за сообраќај за сите видови на возила поради замрзнат пат.

Поради голем број на одрони на патните правци Делчево-Кочани, Делчево-Пехчево и Делчево-г.п.Делчево се препорачува да не се користат овие патни правци без поголема потреба.

Сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози, велат од АМСМ.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Од 15.11.2021 година започнува законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2022 година.