Управата за јавни приходи соопшти дека се можни прекини на електронскиот систем за годишните даночни пријави.

– Со цел да се обезбеди непречено генерирање и доставување на претпополнети ГДП, можно е во текот на процесот да се појави потреба од привремена интервенција поради што кус временски период системот е-Персонален данок (е-пдд) за време на интеревенцијата е недостапен, како што беше случај денес во периодот од 09.30 часот до 10.30 часот, по што системот повторно е во функција – велат од управата.

Тие напоменаа дека краткотрајниот прекин не нанесува штета на правото на корисниците, односно на граѓаните кои се регистрирани на системот е-пдд, бидејќи тие ќе можат да ги потврдат или коригираат претпополнетите ГДП заклучно со крајниот рок 31 мај.

Управата ги отфрли информациите за евентуални парични казни доколку граѓаните не одговорат на претпополнетата ГДП и напоменаa дека се работи за шпекулации.

– Ја информираме јавноста дека со новиот начин на доставување на Годишната даночна пријава на граѓаните им е овозможено да учествуваат во постапката за утврдување на персоналниот данок, во соработка со Управата за јавни приходи. Граѓанинот, доставената Годишна даночна пријава треба да ја провери, од аспект на точност на прикажаните податоци во корелација со примените годишни приходи од земјата и странство. Доколку истите се соодветни, односно одговараат на реално остварените приходи, граѓанинот може да ја потврди Годишната даночна пријава, но може и да не постапи по истата. Доколку не ја потврди Годишната даночна пријава, истата службено ќе биде потврдена – информираат од УЈП.