Фото: Маја Јаневска-Илиева

Предлог-законот за попис е ставен на дневниот ред, во рамки на продолжението на 29-та собраниска седница.

Додека владата останува на ставот дека пописот ќе се спроведе напролет и ќе биде согласно стандардите на Евростат, опозициската ВМРО-ДПМНЕ не отстапува од барањето да се набават 10.000 терминали за земање отпечатоци од прсти при спроведување на пописот.

– Само со набавка на терминали со отчитување за отпечатоци од прсти ќе се попише резидентното население и ќе се направи дистинкција на резидентите од државјаните, односно луѓето кои поседуваат македонско државјанство но не живеат во државата. Апаратите за отпечатоци и така треба да се набават неколку месеци подоцна за локалните избори – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ, пак, во неколку наврати истакнаа дека пописот не е и не смее да биде политичка операција, туку статистичка. Токму во Извештајот на ЕК пописот се споменува како потребна обврска на нашата држава која треба да биде реализирана, наведоа социјалдемократите.

Планирано е постапката да заврши за шест месеци и да чини 8,5 милиони евра за набавка на потребната опрема.

Пописот би требало да се спроведе во првите три недели од април.

Последниот попис беше во 2002 година, а најавениот попис во 2011 година, не беше реализиран.