Матичната собраниска Комисија за економски прашања на денешната седница го разгледа Предлог-законот за енергетика, во прво читање, и едногласно, со шест гласа „за“ заклучи дека е прифатлив и оти може да се даде на натамошно читање.

На почетокот, пратениците од опозицијата ја напуштија седницата на Комисијата и обвинија дека законот за енергетика е смислено обемен и хаотичен и наместо да се изготви посебен закон за секоја директива одделно, по примерот на Хрватска, се прави гломазен закон за да се задскријат бизнис интересите на власта.

Во процедурално обраќање Дрган Цуклев од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека во ова законско решение повторно се злоупотребува европското знаменце.

– Овој закон нема да донесе усогласување со ЕУ директиви односно функционалното раздвојување меѓу производство, пренос и снабдувач е само формалност. Некои членови од предлог законот се целосно во спротивност со директивите на ЕУ. Со закон го менувате претседателот на Регулаторна комисија за енергетика заради бизнис интереси со што се прави преседан за сузбивање на регулаторните тела воопшто, рече Цуклев.

Нагласи дека ја користат приликата да се обратат и да упатат апел до, како што рече, идејниот творец на овој закон, вицепремиерот Кочо Анѓушев и останатите владини функционери, да престанат со закани и цензура кон новинарите и граѓанскиот сектор.

– Во знак на протест и солидарност со лицата кон кои се упатени заканите ја напуштаме денешната седница на комисијата и бараме владините функционери да понесат морална, етичка и политичка одговорност, рече Цуклев.

По напуштањето на седницата Хари Локвенец од СДСМ рече дека европското знаменце за законот е заради тоа што тој е усогласен со пет европски директиви и три регулативи.

– Станува збор за политиканство и желба за креирање и добивање евтини политички поени. Законот ќе ги исполни сите европски директиви и ќе имаме можност да имплементираме најквалитетен закон, рече Ловенец во процедурално обраќање.

Тој нагласи дека доколку има забелешки може да се подобри во второто читање.

Потоа законското решение го образложи министерот за економија Крешник Бектеши кој посочи дека станува збор за закон со кој се обезбедува целосна либерализација на енергетскиот пазар во земјава и додаде дека секој потрошувач ќе може да купува енергија од снабдувачот со кој склучил договор.