Фото: Игор Бансколиев

На неколку европски аеродроми термалните камери се во функција, а проверка на телесната температура има на аеродроми, железнички станици и автопатишта во голем број азиски земји

Препораките за информативни летоци за заштита од опасниот коронавирус, кој забрзано се шири од Кина, веќе се печатат и на скопскиот аеродром и треба да бидат поставени до крајот на оваа недела. Ова го соопштија вчера од Институтот за јавно здравје, од каде што посочуваат дека засега нема простор за паника, дека ја следат состојбата и дека во случај на ескалација се подготвени да преземат дополнителни мерки. Комисијата за заразни болести заклучила дека засега нема да ја стават во функција термалната камера.

– Станува збор за нов вирус. Ја следиме состојбата и ако има промена во однос ширење на вирусот во Европа или, пак, во некоја од околните земји ќе свикаме вонредна седница на Комисијата за заразни болести и ќе реагираме соодветно на ситуацијата. Засега состојбата во земјава ја класифициравме со низок ризик – посочуваат епидемиолозите од Институтот за јавно здравје.
На неколку европски аеродроми термалните камери веќе се во функција, а проверка на телесната температура има на аеродроми, железнички станици и автопатишта во голем број азиски земји.

Светската здравствена организација засега не прогласи глобална вонредна состојба.
Инаку, засега не постои вакцина против новата вирусна инфекција, која може да предизвика пневмонија и да се пренесе од човек на човек. Глобалниот сојуз за вакцини и имунизација (ГАВИ) соопшти дека развојот на нови вакцини против коронавирусот ќе трае најмалку една година.
Најголемиот карантин во историјата е воведен во Кина, кога бројот на заболени и на смртни случаи во еден ден се удвоил, од 270 првично заболени бројката скокнала на 570, а бројот на починати се зголемил од девет на 17 лица. До вчера бројот на смртни случаи се искачи на најмалку 25 лица.
Вирусот се шири од Вухан во други кинески градови, како Пекинг, Шангај, Макаи и Хонгконг, а случаи со заразени лица се потврдени во САД, Тајван, Јужна Кореја и во Јапонија. 


ИЈЗ: Регистрирани над 1.000 заболени од грип

Во текот на изминатата недела во државава се регистрирани 1.100 заболени од грип, што е зголемување за 88,7 отсто споредено со неделата пред неа кога биле регистрирани 583 заболени. Ова се наведува во последниот извештај што го објави Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Оттаму посочуваат дека се очекува пораст на активноста на вирусот и кулминација на сезоната на грип во текот на следните недели.