Во Владата, денеска, се одржа првиот состанок на координативното тело за поддршка и одржлив развој на Преспанскиот Регион, со што, како што посочуваат од таму, почнува процесот на засилена реализација на проектите што се планирани во овој регион.

Меѓуресорското координативно тело, кое е составено од претседател и 13 члена, активно соработува со Делегацијата на Европската комисија во Скопје, како и со другите државни институции и локалната самоуправа на Ресен за поттик на социо-економскиот развој на Преспанскиот Регион, со особено внимание за создавање можности за урбаните и руралните области на Преспа, велат од Владата.

Обраќајќи се кон членовите на координативното тело, премиерот Зоран Заев ги повика и охрабри да ги поддржуваат сите проекти од национално, како и од меѓународно значење за регионот, да ги гледаат и од перспективата на договорот од Преспа, со кој, како што истакна, се премостени речиси тридецениските разлики со Грција и се обезбедени перспективите на нашата земја во евро-атлантските и европските интеграции.

Заев го оцени и значењето на координативното тело во насока на интензивирање на прекуграничната соработка со Албанија и Грција, со употреба на сите расположливи дипломатски канали за реализација на трилатералниот договор за заштита и одржлив развој на „Паркот Преспа“ и за поттикнување на работата на заедничко координативно тело за прекугранично управување и мониторинг не само на водите на Преспанското Езеро туку и целиот екосистем на езерото.

– Дополнително, духот на договорот од Преспа е инспирација и за други прашања што ги поврзуваат народите во овој регион и во Европа, со единствена и заедничка цел – зајакнување на добрососедските односи во согласност со европските вредности и меѓународното право, а со тоа и заедничката иднина на генерациите за чии перспективи сме одговорни ние – рече тој.

Заев како исклучително значајни ги посочи и фокусот кон промоцијата на потенцијалите за развој на туризмот, како можност за афирмација и дејност на локалното население, како и имплементација на мерките што треба да се преземат за надминување на актуелната состојба со водите на Преспанското Езеро и динамизирање на проектот за комплетна заштита на Преспанското Езеро поддржан од Европската Унија, инициран од трите земји – Северна Македонија, Грција и Албанија.

Координаторот за развој на Преспанскиот Регион, Горјан Тозија, во своето обраќање, најавувајќи го почетокот на работата на координативниот Центар за поддршка и развој на Преспанскиот Регион, истакна дека тој е израз на остварување на визијата за добрососедство, која во 2018 година се реализира преку преспанскиот договор. Тој додаде дека Преспа е симбол на космополитство, место без огради и граници во нејзиниот натамошен социо-културолошки развој, кое ќе стане центар за соработка и размена на модерни, креативни и прогресивни идеи на млади луѓе од трите земји – Северна Македонија, Грција и Албанија.