Факултетите денеска традиционално ќе одржат прв академски час, кој поради пандемијата ќе се организира на отворено или онлајн.

На факултетите при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје денеска ќе биде означен почетокот на новата академска 2020/2021 година.

Ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски, ќе присуствува на првите академски часови на студентите на Правниот факултет „Јустинијан Први“, кој ќе се одржи на отворено на платото пред Факултетот, со почеток во 11 часот, и на Филозофскиот факултет, кој ќе се одржи на отворено на платото на Факултетот, со почеток во 12.30 часот.

Од Правниот факултет информираат дека настанот се организира во согласност со применливите протоколи, а ќе биде емитуван во живо преку фејсбук-страницата на Правниот факултет и преку платформата „Зум“.

Ректорот Јанкуловски исто така ќе се обрати онлајн и на првиот академски час на студентите на Економскиот факултет.

Инаку, првиот час и наставата во оваа академска година на некои од факултетите на УКИМ ќе се одвива целосно онлајн, но на дел од нив, поради природата на наставните содржини и методите на нивното изучување, наставата ќе се одвива хибридно, и онлајн и со физичко присуство.