Првите луѓе на македонскиот Национален комитет за спречување на насилниот екстремизам и борба против тероризмот денеска имаа средба со заменик-помошникот државен секретар на САД и шеф на Бирото за конфликти и операции за стабилизација, Пит Мароко на која разговарале за приоритетите и иницијативите за спречување на насилниот екстремизам и напорите за зајакнување на регионалната соработка, како и важноста за меѓуверски дијалог во Македонија. 

Како што соопшти владината прес-служба, Мароко, кој е во посета на Македонија во рамки на неговата турнеја низ земјите од Западниот Балкан, упати честитки за чекорите кои земјата ги презема во остварувањето на евроатлантските аспирации, посебно потенцирајќи дека Договорот со Грција е резултат на комплексни разговори и преговори.

Националниот координатор Борче Петревски и неговите заменици Џеладин Ајвази и Златко Апостолоски и претставниците од Стејт департментот споделиле искуства од активностите кои се преземаат за спречување на радикализацијата и насилниот екстремизам кои водат кон тероризам и се согласија дека надминувањето на овие проблеми се врвни безбедносни приоритети на Република Македонија.

Истовремено, како многу важна, како што се наведува, била оценета соработката со земјите во регионот и вклучувањето на Македонија во регионалните Програми за превенција на насилниот екстремизам.

Националниот координатор Петревски го запознал американскиот заменик-помошник државен секретар Мароко со конкретните активности кои македонскиот Национален комитетот ги презема оваа година, како и со приоритетните цели кои се планираат за периодот 2019-2022 година.

Како што се посочува во соопштението, тој истакна дека Владата е посветена на превенцијата и сузбивањето на овие закани со координирана акција и заедничка стратегија со стратешките партнери на Република Македонија, САД, земјите на ЕУ, како и нашите соседи во регионот.

– На средбата беше оценета важноста на двете Национални стратегии, за борба против тероризмот и за спречување на насилен екстремизам, кои со пропратни акциски планови, беа усвоени на седницата на Владата на Република Македонија, на шести март годинава, се наведува во соопштението.