Фото: Игор Бансколиев

Митко Кочовски

Прашањето на дефицитарноста на стручниот кадар и особено на работниците со занимања, од повеќе релевантни места се оценува како сериозен лимитирачки фактор на растот на националната економија. Меѓутоа развојот на настаните укажува дека состојбите драматично се влошуваат и попримаат крајно негативни карактеристики и загрижувачки трендови.

За жал, целокупната општествена и академска ангажираност во најголема мера се фокусира на констатирање на состојбите, без да се навлезе подлабоко во причините и во предвидувањето на развојот на настаните, кои добиваат крајно драматични размери.

Проблемот е повеќедимензионален, со нагласена демографска компонента – поради состојбите што се крајно неповолни, образовна – поради неатрактивноста на образовните институции за овој вид занимања и негативната селекција на учениците поради задолжителноста на средното образование, миграциски и редица други, кои треба да се разгледуваат едновремено со констатациите за кадровската дефицитарност.

Во истражувањето на можностите и политиките за задоволувањето на кадровските потреби на стопанството како невралгичен проблем на краток и среден рок, неопходно е да се појде од демографскиот профил на земјава, односно од населението како основна детерминанта на понудата на работна сила, поради фактот што вкупното население е основниот извор од кој се регрутира работната сила во една земја. Поради фактот што бројноста на населението е детерминирана од стапката на природниот прираст на населението и од миграциските движења, фокусот примарно треба да е на овие два исклучително релевантни параметри.

Демографскиот профил и демографските движења во земјава и во подолг временски период упатуваат на сериозно предупредувачки констатации. Старосната структура на населението е неповолна со оглед на фактот што близу една третина од вкупното население е во старосната група над 50 години и таа со текот на годините се влошува, што е исклучително загрижувачка демографска специфичност. Стапките на природниот прираст се исклучително ниски и се во нагласено надолен тренд, првенствено како резултат на намалувањето на стапките на наталитетот, а миграциските движења имаат крајно неповолно влијание на демографската структура на населението и секојдневно се интензивираат.

Од расположивите податоци за активното население, кое според дефиницијата ги вклучува вработените и невработените лица, нешто под три четвртини се вработени, а нешто над една четвртина се невработени. Старосната структура на работоспособно население, според економската активност, говори дека и кај работоспособното население се слични состојбите како и кај вкупното население, со високо учество од близу една четвртина на старосната група над 50 години, што кај старосната структура на вработените е уште понеповолно, но е исто така загрижувачки и кај категоријата невработени лица. Дури учеството на помладите во структурата на невработените е на загрижувачко ниво, само нешто повеќе од една третина.

Ако се направи осврт на расположивата работна сила според школската подготовка, со посебна задршка на невработените заради предметот на нашето внимание, ќе дојдеме до фрапантни податоци дека близу една третина се лицата без никакво, лицата со незавршено основно и лицата со основно образование; 8,4 отсто се лицата со завршено тригодишно средно образование; 49,5 отсто се лицата со завршено средно образование; 1,5 отсто се со виша школска подготовка и 11,2 отсто се лица со високо образование, завршени постдипломски студии и докторати.

Од гледна точка на кадровски потенцијал значаен за растот на економијата упатно е да се укаже дека бројот на завршените средношколци од техничките струки е само 13,6 отсто. Треба да се напомене дека при уписите во средните технички училишта од машинска и електрострука, доминираат учениците со многу слаб успех во основното образование и со оглед на малиот интерес за упис во овие училишта и критериумите за упис и критериумите за оценување во текот на школувањето се исклучително ниски. Сериозна критика трпи и соодветноста на наставните програми и нивната некореспондентност со динамичните процеси на развој на технологијата.

Има погрешни укажувања и обвинувања за дејствувањето на пазарот на трудот. Ако синоним за пазарот на трудот е Агенцијата за вработување, една мошне закоравена бирократска структура, обвинувањата се основани. Пазарот на трудот изгледа соодветно и дава информации за сите кадровски потреби на краток и на долг рок. И тоа е улогата на пазарот, да ги даде вистинските информации во вистинско време, а на економијата да изврши соодветно приспособување на констатираните состојби. Сепак треба да се укаже на големиот број фактори, кои го попречуваат дејствувањето на пазарните механизми во сферата на вработеноста. Да ја истакнеме само хипертрофираната државна администрација и комуналните јавни претпријатија, со примања што се надвор од секоја економска логика и претставува сериозен неоправдан општествен трошок.

Недопустливо е системот на образованието и реалните економски текови да бидат два одвоени света. Уште помалку е допустливо стопанството да се дистанцира од процесот на образованието на кадрите за обезбедување на потребните трудови ресурси.
Сѐ повеќе присутните тврдења за германскиот модел на дуално образование како решение за проблемот, кој малкумина го познаваат, поради фактот што таму улогата на компаниите е доминантна во образовниот процес и во стручната подготовка на кадрите. Уште повеќе нашите разбирања за овие процеси се целосно безвредни, ако училиштата за образование кадар за занимања запишуваат ученици под определениот минимум за формирање паралелки. Да не зборуваме за потребните институционални решенија, кои треба да го уредат вклучувањето на учениците во процесот на трудот за време на нивното образование.

Стопанството се соочува со загрижувачка флуктуација на работниците со производствени занимања, стекнати искуства и производствени навики, кои не можат да бидат надоместени само со евентуални нови вработувања, бројки што одат и до три проценти месечно од вкупниот број вработени. И тој проблем не е евидентен само кај носечките стопански субјекти, туку и кај нивните деловни партнери и на влезната и на излезната страна, сѐ до крајната периферија на репродукцискиот циклус, што во крајна линија резултира со ограничување на стопанската активност во целата економија.

Некои состојби во оваа сфера во нашава земја се доведени до ниво на апсурдност, како на пример поголемиот број места на факултетите од бројот на завршените средношколци. Исто така е поразителен факт, несоодветноста и инкомпатибилноста на образовниот систем со реалните потреби на стопанството, да се коригираат со преквалификации по цена на високи материјални издатоци и потребно време.

Решението е во правовремена општествена ангажираност, динамичка стратегија за решавање на кадровските апсурди во земјава, а во насока на задоволување на кадровските потреби на стопанството, сериозна ревизија на образовниот систем и вистинско вклучување на реалниот сектор во неговото вообличување во согласност со неговите динамички потреби. Неизоставно е јавно укажување на перспективите за вработување на учениците од несоодветните образовни профили, ограничување на експанзијата на јавни и приватни образовни институции од областа на општествените науки, намалување на можностите за непродуктивно вработување и постимулативно наградување во јавната администрација. И не помалку важно е обезбедувањето услови од страна на државата за опстојувањето на домашните стопански субјекти во нормални услови на пазарно стопанисување на домашниот и на странскиот пазар. Тука е секако и улогата на компаниите во преструктурирање на производствените процеси, флексибилни и мобилни решенија за организација на работењето и модернизација со помал број извршители. Увозот на работната сила од странство е апсурдно решение, не само поради неатрактивните примања во реалниот сектор кај нас, туку и поради редицата други чувствителни проблеми. И не само што тоа не е решение, туку како многу голема веројатност и најсериозна закана се наметнува соочувањето со селење на капиталот надвор од границите како многу помобилен производствен фактор и погубните последици по целата економска стабилност на земјата и нејзината перспектива.

Авторот е претседател на Здружението на металурзи при Стопанската комора