Пристигнувам во Собранието, со целосна заштитна ковид-19 опрема, за да учествувам на денешната седница на која ќе ги усвоиме законите кои обезбедуваат финансиска помош за илјадници граѓани и компании, објави на Фејсбук пратеничката Бисера Костадиновска – Стојчевска.

Таа вели дека е позитивна на ковид – 19, но дека добро се чувствува.

– Нема да дозволиме уцени! Мојата должност како пратеничка е постојана и благородна. И здрава и болна, имам обврска да направам сѐ граѓаните да ја добијат помошта која Владата ја обезбеди за нив. А, ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата можат и понатаму да прават сѐ што намериле против народот – но џабе им е, денес ќе ја завршиме работата – смета пратеничката Костадиновска – Стојчевска.
Пратеничката група на СДСМ вчера соопшти дека имаат тројца пратеници позитивни на ковид – 19, но најавија дека на денешната седница ќе обезбедат кворум и ако е потребно заболените ќе дојдат во скафандери.

Седницата на која треба да се изгласа петтиот пакет економски мерки треба да почне во 14 часот.