Наместо на седница на Комисијата за транспорт, како што беше претходно закажано, пратениците на пленарна седница ќе расправаат за безбедноста во патниот и железничкиот сообраќај. За ова како што кажа претседателката на Комисијата за транспорт и врски, Лилјана Затуровска, се договориле пратеничките групи, бидејќи станувало збор за многу сериозна тема и требало да има можност да се вклучат сите пратеници.

Воздушниот сообраќај не беше на дневен ред на денешното заседание на комисијата, на кое беа поканети и претставници од Министерството за транспорт и врски, директорите на ЈП Државни патишта и Македонски железници, како и од Секторот за безбедност на патиштата.

Точката за состојбите и безбедноста во железничкиот сообраќаај е на барање на пратеничката група на ВМРО- ДПМНЕ, а следува по железничката несреќа во која се излизга од шините товарен воз во близина на селото Черкезе, Кумановско.