Во пресрет на новогодишните и божиќните празници, кога во принцип трпезите на семејствата се полни со изобилство од храна, во Европа и во светот се активни случувањата поврзани со легализирање на продажбата на месо произведено во лабораторија. Деновиве „Евроњуз“ информира дека Сингапур, заклучно со месецов, е првата држава во светот што ја легализирала комерцијалната продажба на месо произведено во лабораторија.

Според медиумот, ова месо е генетски креирано во медицински лаборатории, тоа не потекнува од животни, а од минатата недела може легално да се продава во рестораните и пазарите низ земјата.
Порталот додава дека месото што се продава во оваа азиска земја е своевидна вегетаријанска замена за пилешкото месо, односно не станува збор за пилиња одгледани во лабораторија туку за создадени парчиња месо што личат на пилешкото.
Слични полемики и процеси се актуелни и низ институциите на Европската Унија, но разногласијата, негодувањата, но и различните ставови на оваа тема на земјите-членки засега не создале „клима“ како онаа во Сингапур за продажба на лабораториско месо за исхрана.

Интернет-порталот „Екоинсајт“, пак, информира дека ова лабораториско месо на интернет веќе е познато како „чистото месо“ и тоа се произведува на тој начин што се одвојуваат клетки од животното преку биопсија.

– Клетките можат да бидат одвоени од секој дел на животното, па дури и од пилешкиот пердув. Потоа на клетките во специјализирани лаборатории им се додаваат т.н. „нутриенти“ супстанции што се од растително потекло, со кои месото „расте“ во биореактор – информира порталот.
Од друга страна, британската телевизија Би-би-си, пак, информира дека англиските научници се сомневаат во безбедноста по луѓето на овој прехранбен производ и напоменуваат дека цената за неговото производство надалеку ја надминува онаа на класичното месо.

Во меѓувреме, од македонска перспектива на настаните, упатените познавачи на состојбите велат дека за да се употребува оваа храна на македонскиот пазар, треба да е во согласност со условите на Законот за безбедност на храната, па дури и кога станува збор за вакви новитети во прехраната.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство информираат дека мониторингот на квалитетот на храната од животинско и растително потекло се врши заради утврдување на степенот на исполнување на барањата за квалитет на храната од животинско потекло, како и согласност со декларацијата на самиот производ утврдена од страна на операторите со храна од животинско потекло.
– Мониторингот се врши во сите фази на синџирот на производство и промет на храната вклучувајќи ја и храната од увоз. Тој се спроведува при вршењето на официјалните контроли на квалитетот на храната од животинско потекло, при што се земаат мостри од објектите за преработка на храната од животинско потекло и/или од малопродажба, за лабораториско испитување на: млеко и производи од млеко, на месо, мелено месо и производи од месо, на мед – се вели во информацијата.

Од друга страна, во моменти кога живееме со пандемијата, но и во време кога се шири новиот тип коронавирус низ светот, луѓето остануваат во своите домови, а експертите предупредуваат дека недоволната физичка активност и лошиот начин на исхрана претставуваат ризик по нивното здравје.
Според нутриционистите, во овој период доколку сакаме да останеме здрави, треба да ги консумираме производите што се богати со витамини и минерали.
Нутриционистот и физиотерапевт Ненад Попоски во својот осврт на случувањата вели дека за претстојните празници треба да ги избегнуваме за консумирање месото и мрснотиите во храната.

Тој советува редовно да консумираме овошје и зеленчук во што е можно поголеми количества и да се пиеме многу вода и природни сокови.
Попоски констатира дека само на ваков начин ќе успееме да си го одржиме организмот здрав и да не придонесеме да ги зголемиме килограмите, кои се дополнителен здравствен товар во овој период од годината.
Нутриционистот се сомнева во квалитетот на новините на местото што се произведува во лабораторија и советува нашите власти да бидат скептични во примената на овој продукт на нашите трпези.

[email protected]