Влашки поуки

По повод празникот на Власите, 23 Мај, и во контекст на запазување и негување на традицијата на заедништво и мултиетничност издвојувме повеќе влашки поуки

1) Државата е…
Никаде не задржувајте се подолго од дванаесет месеци, туку кога годината вашиот гурбет ќе заврши, и кога во тој крај ќе го земете од бога вашето, дигајте ги шаторите, на маските отседлајте ги и одете кај што не сте биле. Ако некаде по царството или кралството се најдете подолго од година, во даночните книги вас ве заведуваат, на трговскиот суд ве регистрираат, давачки и фискални такси ви припишуваат. Сите приходи во тефтери морате да ги бележите, ортаците и компаниите на магистратот да ги пријавите и договорите на заверување да ги поднесувате. Државата не ви е мајка да се срами од вас голи. Државата е жена, на која голи ѝ сте најмили. Зашто уште во Епир е речено: ПОЧИТУВАЈ ГО ГОСПОД ДОДЕКА Е ТВОЈ, И ЧУВАЈ СЕ ОД ДРЖАВАТА ДОДЕКА НЕ СТАНЕ ТВОЈА!

2) Добар спомен – лош трговец
Никогаш двапати во ист град не доаѓајте. Или, ако сте принудени, заради саеми или панаѓури, секогаш друг од семејството испраќајте. Ако сте оставиле добар спомен, лош трговец сте, па нема потреба во еден град двапати да бидете во загуба, а ако сте добар трговец, нема шанси да сте оставиле добар спомен, па нема потреба да се покажувате. На овој свет така е нагодено само господ да е вечен, а сета друга стока минлива. Она што на купувачите, пред година дена им изгледало евтино, кога пак ќе дојдете, ќе им биде прескапо. Некогаш прекрасната ткаенина сега ќе биде износена, цврстата и нескршлива стомна – скршена, лековитите треви – изветреани, боилото – ја изгубило бојата. Ќе им се чини дека за своите скапи пари добиле евтино привидение. Зашто уште во Епир е речено: НИШТО НЕ ТРАЕ ПОКРАТКО ОД ЧОВЕЧКАТА СТОКА, И НИШТО ПОДОЛГО ОТКОЛКУ ЦЕНАТА ШТО ЗА НЕА Е ПЛАТЕНА!

3) Бегајте од конкуренција
Не одете во градови еврејски и градови ерменски, зашто конкуренцијата таму е голема. Сѐ уште на малиот Ромеј му е тешко да се одржи без родена(та) крв да го помогне. Но избегнувајте ги и градовите цинцарски, и градовите грчки, зашто во нив конкуренцијата е уште поголема. Кога сите им се браќа на сите, никој никому не може да му помогне. Одете, значи во туѓински градови. Во градовите славјански, германски и унгарски. Зашто во Епир е речено: ОНА ШТО ВИЕ ГО ЗНАЕТЕ, ДОМОРОДЦИТЕ ОДАМНА ГО ЗАБОРАВИЛЕ, НО ОНА ШТО ВИЕ ГО ЗНАЕТЕ, ОНИЕ КОИ ПРЕД ВАС ДОШЛЕ, ГО ЗНААТ ПОДОБРО!

4) Документи не потпишувајте
На своите патувања не отседнувајте во грчки и во цинцарски анови. Избегнувајте ги домашните, каде што на даночниците ќе ве пријавуваат, такси ќе ви наплатуваат и деловните тајни ќе ви ги откриваат. На своите патувања внимавајте да имате сведоци кога ќе ви требаат, и да немате ако не ви се потребни. И знајте дека и ѕидовите можат да сведочат против вас. На вашите патувања зборот нека ви биде – потпис, а устата – печат. Документи избегнувајте. Документите можат да бидат лажни, вашето уво никогаш. Зашто во Епир е речено: НИКОМУ НЕ ВЕРУВАЈ МУ, НИКОМУ ОСВЕН СЕБЕСИ, ПА И СЕБЕ САМО ПОЛОВИНА…

5) Не лажете во мерењето
Не лажете во мерењето зашто кој на мал кантар лаже, на големиот ќе биде прелажан. Според луѓето, а не според стоката пропишувајте ги цените, зашто што вреди голема цена што никој нема да ја плати? Кон своите обврски и кон договорите придржувајте се, зашто право на трговија не дава лиценцата, туку кредитот (довербата) во чаршијата. Почитувајте ги древните обичаи на гаранции. На познатиот давајте му, на непознатиот немојте. Од познатиот примајте ги, од непознатиот немојте. Само со чесни здружувајте се во ортаклак и компании. И на својата крв, ако можете, не удирајте. Зашто во Епир е речено: САМО НА ЛОШИОТ ТРГОВЕЦ СВЕТОТ МУ Е МАЛ…

6) Сѐ со мера
Долгови – не правете. Ако морате, враќајте ги уредно. Зашто парите на доверителот само денес ви требаат, а доверителот ќе ви треба и утре. Ако некому позајмувате, не бидете со тврдо срце и без знаење за должникот, зашто ако го притиснете во невреме, долгот нема да го повратите, а него и своите пари ќе ги упропастите. Не обидувајте се со мал обрт многу да заработите, туку со голем обрт по малку. При малиот обрт секоја загуба ве уништува, при големиот – само ви наштетува. Не држете ги дукатите во појасите, туку пуштајте ги да се мешаат со туѓите дукати, зашто само од машко и од женско се раѓаат деца, само од австриската форинта и турскиот пјастер, бидува ромејска флуриа. Но чувајте се од нездрави шпекулации, а особено каде што ќе ви се каже дека ќе заработите сто отсто. Такви заработки нема, освен во приказните на оние што, така заработувајќи, банкротирале. Зашто уште во Епир е речено: ПОДОБРО Е ОД НЕШТО ДА СЕ ИМА САМО 10 ОТСТО ОТКОЛКУ ОД НИШТО СИТЕ 100 ОТСТО, СЀ СО МЕРА НЕКА ВИ БИДЕ, СО МЕРА ЗАРАБОТУВАЈТЕ, СО МЕРА ТРОШЕТЕ, СО МЕРА ЖИВЕЈТЕ И УМРЕТЕ, СЀ СО МЕРА.

7) Собирајте, но не грабајте
Собирајте, но не грабајте. Купувајте, но не одземајте. Скржавецот и ограбувачот не прават големо богатство, а и оние што прават ќе им биде ограбено. И покрај тоа што треба да гледате дукатот што излегува од кај вас да биде што поизлижан и полесен, а оној што ви доаѓа не е сѐ во изгледот, дека тежината не потекнува само од златото, туку и од оловото, и дека парите треба да се пробаат со забите, а не со очите. Зашто во Епир е кажано: КАКО ШТО ВО ВОЈНАТА НЕМА СИГУРНА ПОБЕДА, НИ ВО ТРГОВИЈАТА НЕМА СИГУРНА ДОБИВКА, И КАКО ШТО ВО ВОЈНАТА СТРАТЕГОТ ПОБЕДАТА ЈА ИМА НА УМ, А НЕ БРОЈОТ НА НЕГОВАТА ВОЈСКА, И ВО ТРГОВИЈАТА ПРОФИТОТ НЕМА ДА ЗАВИСИ ОД БРОЈОТ НА ВЛОЖЕНИТЕ ДУКАТИ ТУКУ ОД ТОА КОЛКУ МУДРОСТ СИ ВЛОЖИЛ ВО ШПЕКУЛАЦИЈАТА (ЗДЕЛКАТА).

8) Со државата во костец не фаќај се
Фирма не закачувајте додека немате голема. Фирмата е убава и на душата пријатна, но на државата ѝ покажува каде да ви го испрати даночното барање. Подобро е да си богат со трезори отколку со фирми. Подобро е да имаш повеќе отколку што се мисли, отколку помалку од она што се зборува по чаршијата. А кога еднаш ќе зајакнете, ќе се извишат годините на вашиот гурбет. Кога ќе примите домицил и фирма ќе истакнете, кон законот строго придржувајте се и со државата никогаш во костец не зафаќајте се. Дајте му на царот што е царево, на господ што е господово и остатокот ќе биде доволен да бидете најбогат. Кога примате домицил, гледајте тоа да биде каде што државата е усовршена и каде што многу закони важат. Строги се само законите единаци. Каде што ги има повеќе, мораат да се сложуваат, и додека тие се сложуваат и усогласуваат. Зашто во Епир е речено: КАДЕ ШТО ИМА МНОГУ ЗАКОНИ, ИМА И МНОГУ ДУПКИ МЕЃУ НИВ, КАДЕ ШТО Е ЕДЕН НЕМА ДУПКИ.

9) Живејте со мнозинството
Придржувајте се кон родниот закон. Почитувајте ги своите обичаи. Вршете ги обредите. Мајчиниот јазик не заборавајте го. Но внимавајте, своите закони на другите на нос исто да не им ги навирате, кон што сте склони. Зашто тој закон е за нас, а не за други. Огледајте се на Евреите. Ако вашите обичаи ви пречат во трговијата и во прометот, оставете ги дома. На улица, на агора (плоштад), во дуќанот, банката, на судот и во црквата зборувајте, живејте и однесувајте се сообразно на мнозинството. Зашто уште во Епир е речено: ЗАКОНОТ ВЛАДЕЕ СО СРЦЕТО, НО ИНТЕРЕСОТ СО УМОТ.

10) Однесувајте се скромно
Облекувајте се уредно и ненаметливо, држете чисто, однесувајте се скромно, истерувајќи ја од срцето големата болест на грчкиот етнос – надменоста. Надменоста раѓа завист, а зависта волја да се ограничи, а таа волја пропишува нови такси и закони. Зашто во Епир е речено: СУЕТАТА Е НАЈСКАПА РАБОТА НА СВЕТОТ.

11) Книги читајте јазици учете
Книги читајте, владејте јазици, тежнејте кон знаење, зашто уште во Епир е речено: БОГАТСТВОТО Е ЗА ПОТОМСТВО, А ТВОЕ Е САМО СОЗНАНИЕТО.

12) Раѓајте деца
А тоа потомство, раѓајте го, деца да имате за секоја околност. Машки деца да имате што да собирате, женски со други куќи да се соединувате, зашто во Епир и ова е речено: АКО ЦИНЦАРОТ НЕМА ПОВЕЌЕ ДЕЦА ОТКОЛКУ НЕСРЕЌИ, КАКО ДА НЕМА НИ ЕДНО ДЕТЕ.

13) Не чекајте да пропаднете
Вашата нација и татковина нека биде онаа во која ви оди добро и сѐ додека ви оди добро. А штом видите дека не ви оди добро, не чекајте да пропаднете, никогаш не чекајте ги Турците, туку свиткајте ги чергите, залијте ги со мед (скријте ги) дукатите и одете каде што ќе ви биде подобро. Уште во Епир е речено: САМО БУДАЛАТА СЕ ОБИДУВА ДА ЈА МЕНУВА НАЦИЈАТА ШТО НЕ МУ СЕ ДОПАЃА. ПАМЕТНИОТ ЈА ЗАМЕНУВА ЗА ОНАА ШТО МУ СЕ ДОПАЃА.

14) Со законот да се помагаме
А сето ова нека ви биде закон додека носи корист, а штом се покаже дека условите се промениле, и дека дошло друго време, придржувајте се кон другиот, кон законот на неговото време зашто е речено во Епир: ЗАКОНОТ НЕ Е ДА МУ СЕ ПОКЛОНУВАМЕ, ТУКУ СО НЕГО ДА СИ ПОМАГАМЕ.

15) Не скржавете на душата
Господ на небото, а на земјата Потомството, Семејството, Поседот и Минатото нека ви бидат алфа и омега, тоа ви е аманетот епирски. ЗНАЈТЕ ДЕКА СЀ, ОСВЕН ДУШАТА, Е ПОТРОШНА СТОКА, ПА НЕ СКРЖАВЕТЕ НА ДУШАТА, АКО ВЕЌЕ МОРАТЕ СО ДУКАТИТЕ, ПОКРАЈ СКАПОТО МАСЛО ИМА УШТЕ ПОСКАПОЦЕНИ САДОВИ ВО КОИ ТОА СЕ ЧУВА. СЕКОЕ МАСЛО МОЖЕ ДА СЕ НАДОМЕСТИ, САМО САДОТ ВО КОЈ СЕ ЧУВА, (АКО СЕ СКРШИ) НЕ СЕ НАДОМЕСТУВА. П.К.