Зошто нашиот правосуден систем некогаш реагира брзо, некогаш бавно, а некогаш и воопшто не реагира и не отвора истрага по допрен глас? Каква е кадровската екипираност и што значи кога странска амбасада ќе поздрави одредена неправосилна судска одлука? За сите овие дилеми побаравме објаснување од истакнати
правници и експерти

Македонскиот правосуден систем повторно се најде во фокусот на јавноста поради неколку аспекти. Изненадувачки за домашни услови во рекорден рок беше изречена пресудата за поранешниот претседател на скопскиот кривичен суд Владимир Панчевски, со оглед на некои поранешни искуства и одолжување на постапки што траеле и со години. Понатаму, пресудата за Панчевски беше поздравена дури и од дел од дипломатскиот кор во земјава, иако таа сѐ уште не е правосилна. Тоа во најмала рака е невообичаена практика и може да се толкува како директно мешање на странски дипломати во домашниот правосуден систем. Токму поради влијание на политиката и мешање во судството, Македонија со години добива сериозни критики од меѓународната заедница. Но овој пат странски дипломати најдиректно се мешаат во судска одлука. Зошто нашиот правосуден систем некогаш реагира брзо, некогаш бавно, а некогаш и воопшто не реагира и не отвора истрага по допрен глас, како на пример при тврдењата за можно купување пратеници. За сите овие дилеми побаравме одговори од стручни лица и експерти.

Во сублимиран заклучок, правниците, професорите и активистите за човекови права со кои се консултиравме укажуваат дека македонското правосудство не е ефективно бидејќи политиката, домашна и надворешна, навлегла длабоко во него, а непрофесионалните кадри со декади ја држат правдата во цврсти окови.

Универзитетскиот професор Гордан Калајџиев истакнува дека судските процеси и истрагите во обвинителствата се такви какви што се во Македонија, бидејќи очигледно луѓето што работат во нив или не сакаат или не знаат како да се организираат и да си ја вршат работата за која се платени.
Имено, професорот подвлекува дека европските држави, кои очигледно знаат како да ја ефектуираат правдата, имаат систем на организација во дејствувањето и тој е преточен во закони.

Таква, според него, е Германија кај која сите правосудни процеси, но и истраги до судења се вршат во согласност со законските принципи за концентрација на работата, односно се работи по однапред испланирана процедура за работа.
– Кај нас, од друга страна, имаме експедитивна практика за носење пресуди, но и практика очигледно тенденциозна за неносење пресуди. Како таков пример можам да го издвојам случајот „Монструм“, но и сите оние поголеми процеси што се водеа под некогашното СЈО на кои денеска и по толку години немаме завршница – вели Калајџиев.

За професорот таа практика е несфатлива, но влече корени од поранешна Југославија и од фактот дека вработените во правосудството не сакаат да функционираат модерно и европски.
– Сега процесите во судовите можат да се спроведат многу брзо, бидејќи пред да почне судењето обвинителството според новите закони ги собра сите докази пред да се влезе во суд и тука нема филозофија. Натаму, пред да почне судењето се свикани и сите можни сведоци, кои и да се во огромен број постои начин во кој можат ефикасно и навремено да се сослушаат. Односно кога сѐ е на купче, може лесно да се сработи сѐ дури и за неколку седмици, како на пример и во случајот со Панчевски, ако се има соодветна организација. Проблем е што кај нас не се сака вака да се дејствува. Кај народот и правниците постои практика дека пресудата на основните судови не е конечна и таа може да се преиначи. Што не е точно. Во нормалните земји постои правен лек жалба, но таму пресудите не паѓаат или се зголемуваат казните како во Македонија. Туку во САД и ЕУ најчесто се потврдува пресудата на основниот суд – вели професорот.

Тој има и сериозни забелешки на начинот на кој се водат истрагите во земјата и оние во Обвинителството. Според Калајџиев, нелогично и спротивно од здравиот разум е зошто некоја истрага може да се води со години и притоа да нема резултати, а сето тоа укажува дека некој не сака сѐ да се спроведе во одреден законски разумен рок.
– Во Холандија на пример, за разлика од процесите тука, има временски рок од две години во кој доколку не се соберат доволно докази за почеток на судски процес, обвинителот го губи правото да работи на случајот и приказната се завршува – вели професорот.

Калајџиев, сепак, резимира дека во работата на судовите мора да се има правичен баланс, судиите не треба да се брзаат за да ги сработат случаите ниту пак треба да ги одолжуваат до бесконечност туку треба во разумен рок и без политичко и субјективно влијание да ги носат одлуките.

Професорката Мирјана Најчевска од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања смета дека состојбите во овој сектор се исклучително проблематични, а сето тоа ни го кажаа и многубројните меѓународни извештаи за Македонија, кои сублимирано велат дека не можеме како земја да мрднеме од мртва точка ако не си го реформираме правосудниот систем и не само правосудниот туку и целата правна држава.
– Не случајно подглавјето 23 што ја третира оваа тематика е и едно од првите што треба да ги сработиме ако сакаме сериозно да се доближиме до ЕУ. Она што, за жал, ни го покажаа властите на сите политички гарнитури во минатото е дека без волја за хируршки длабоки резови во правосудството нема да си го решиме проблемот. Нам не ни треба козметика за да ги надминеме апсурдите за траењата на судски процеси или за оние што се случуваат во истрагите на обвинителствата, нам ни треба операција да го исфрлиме проблемот – децидна е професорката.

Фото: Архива

Најчевска подвлекува дека човечкиот фактор што е вработен во овој систем е еден од најголемите проблеми, бидејќи голем дел од овие луѓе не соодветствуваат на професијата.
– Во неколку наврати на многубројните обуки на кои сум присуствувала на оваа тема честопати сум била сведок дека странските експерти најголемиот проблем во нашата загатка го наоѓаат во луѓето вработени во правниот систем, кои или не соодветствуваат на критериумите со кои раководат на работните места или, пак, се вработени врз основа на партиски или национален клуч на одговорни позиции во правната држава – вели Најчевска.

Ако навистина сакаме да мрднеме од оваа точка нам во правосудството ни требаат луѓе со знаење, вештини, искуство и интегритет. Луѓе што имаат достоинство висока свест и го чувствуваат товарот на битната општествена работа што ја врши таа фела во една земја. Иако постојат голем број професионалци во оваа област во државата и денеска, тие исто така се ништо во проблемот, доколку и самата власт на државата не ги дели истите вредности со нив, односно доколку Владата не верува во човечкиот потенцијал на професионалците во своето правосудство и доколку Владата не верува дека треба вистински да се реши партизацијата на проблемот, тогаш уште долго ќе бидеме заглавени во овие случувања, смета Најчевска.

Поранешниот судија Дане Илиев, коментирајќи го актуелниот судски процес против Панчевски, изјави дека и покрај многубројните забелешки на самиот процес како е воден, резултатот е завршен процес, односно тоа укажува дека ниту судиите не се над законот.

Од организацијата „Сите за правично судење“, пак, коментираат дека ефикасноста на судството во делењето на правдата е нераскинливо поврзана со правичноста на судската постапка.
– Оттаму, одржувањето „маратонски“ рочишта на кои во еден ден се преземаат сите дејства од главната расправа како изведување материјални докази, испитување сведоци, испитување обвинети, давање завршни зборови па дури и изрекување пресуда, не е начин за обезбедување ефикасност на судската постапка, особено во случаи што претходно со месеци трпеле одложувања од различни причини – велат од организацијата.

Тие додаваат дека доколку се погледне целиот тек на судската постапка, таквиот начин на постапување по предметите воопшто не претставува остварување на начелото на ефикасност, ниту пак може да стане збор за претпочитање некаква „ефикасност“ на судската постапка без правичност и ефективност во примената на правото.

[email protected]