Фото: Игор Бамсколиев

Свештениците посочуваат дека, и покрај тоа што самиот збор задушница значи „за душата“, тоа подразбира принесување жртви и молитви. Во Православната црква, под принесување жртва се подразбира варена пченица и вино, а не раздавање храна на гробовите, зашто во православието има само бескрвна жртва

Православните христијани, во чест на душите на починатите, денеска ја одбележуваат митровденската задушница. Оваа есенска задушница секогаш се паѓа во саботата пред празникот Митровден, кој секоја година се празнува на 8 ноември. Тогаш верниците ги посетуваат гробовите на своите најблиски, таму држат помен за душа на умрените. На денот на задушница во секоја црква се служи литургија за упокоените. Во текот на годината црквата одредила конкретни денови да бидат посветени за застапништво за починатите.

Свештениците од Македонската православна црква-Охридска архиепископија велат дека оваа митровденска задушница не постои во преданието на црквата, односно дека била востановена во Русија, во чест на загинатите војници, а потоа влегла во нашата традиција.

– Во текот на годината има денови задушници кога се посетуваат гробовите и самите цркви за починатите и се принесуваат жртви за нивното спасение и за поправање на нивната состојба во која се наоѓаат во задгробниот живот. Самиот збор задушница значи „за душата“. И, според оваа терминологија, тоа подразбира принесување жртви и молитви. Под принесување жртва се подразбира варена пченица и вино, а во некои краишта се принесува и леб. И на тоа се ограничува принесувањето на жртвата, зашто во православната жртва има само бескрвна жртва. Раздавањето храна е непотребно, не е задолжително и не треба да се практикува – објаснува свештенството.

Тие посочуваат дека верниците треба да ги слушаат свештениците, кои изминатите години постојано апелираат дека задушницата се состои во молитвено застапништво за починатите, а не во тоа колкаво количество храна ќе се раздаде на гробиштата.


Во чест на загинатите монаси

Митровденската, која е една од трите задушници во годината, е востановена во 14 век и најпрво била руска традиција, од каде што преминала и во повеќето православни цркви. На оваа задушница во прво време биле спомнувани само православните војници, меѓу кои биле и двајцата монаси Александар Пересвјат и Ослабја од московската обител на живоначалната Троица, кои паднале на браникот за верата и татковината.


Три задушници за починатите

Според Православната црква, постојат три задушници. Првата во годината е пролетната задушница, која се поврзува со почетокот на велигденскиот пост, односно саботата пред почетокот на постот. Потоа, следува духовденската задушница, која се обележува во саботата пред празникот Духовден, односно на слегувањето на Светиот Дух врз апостолите. На крајот од годината следува митровденската задушница, пред празникот Митровден.

[email protected]