За првпат после 70 години се реализираше комплетна обнова на внатрешните простории во Здравствен дом „д-р Хаим Абраванел“ во Битола, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.

Тој најави и дополнително унапредување на услугите.

– Во овој Здравствен дом не е направена никаква инвестиција од 50-тите години. Оваа установа опфаќа голем број на граѓани – пациенти на кои им пружа здравствена услуга. Целокупниот процес на реновирање ќе се финализира со замена на покривот во периодот којшто следува и помошта која се очекува да пристигне од делегацијата на ЕУ со што ќе се обезбеди ново амбулантно возило за потребите на жителите во Битолскиот регион. Честитки до директорката и целокупниот здравствен персонал кои покажаа дека може да се справат со менаџирањето на ковид кризата, но и целокупниот процес на вакцинирање во салата за масовна имунизација во Битола – изјави министерот Филипче.

Пред две години, целосно беше реновирана службата на Итната медицинска помош, а финализирање на целокупниот процес на обнова ќе се заокружи со замена на покривот на установата. М.М.