Процесот на деинституционализација продолжува. Уште двајца корисници на Заводот за заштита и рехабилитација на лица со телесна попреченост „Бања Банско“ од Струмица ја напуштаат институцијата.

За Мирсат и Васка е адаптирана и комплетно опремена куќа во селото Добрејци од 96 квадратни метри со голема тераса и двор во која во наредниот период ќе можат да се сместат уште двајца корисници од установите за резиденцијална грижа.

– За Мирсат и Васка тоа е остварување на сонот за свој дом а за Владата и МТСП ова е реализација на ветувањето дека ќе го вратиме човечкото достоинство на сите граѓани – рече дополнителната заменик министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ по заедничката посета со градоначалникот на Струмица Коста Јаневски на семејниот дом за поранешните корисниците на Заводот Бања Банско, во населеното место Добрејци, струмичко.

Шкријељ посочи дека е ова е преубав ден за сите, ден кога едни од најстарите жители на Заводот добиваат свој дом.

– Мирсат бил повеќе од 40 години жител на установата и Васка повеќе од 30 години. Сите бевме сведоци на огромната желба на Мирсат да има свој дом со неговата партнерка Васка. Обврска на институциите е да одговорат на тие барања. Сега двајцата корисници добиваат соодветна дневна поддршка од страна на негуватели и ќе им биде обезбедена исхрана преку  Завод за рехабилитација, а доколку има потреба преку општинскиот центар за социјална работа ќе им биде достапна услугата лична асистенција – изјави Шкријељ.

Според градоначалникот на Струмица Јаневски, важна е реченицата што ја слушнале и од Мирсат и од Васка, дека ова е остварување на нивниот сон.

Првите девет возрасни корисници го напуштија Заводот во Бања Банско во 2019 година, од кои двајца добија поддршка за враќање во сопственото семејство, а седуммина се преселени во станови во државна сопственост. Сите деветмина добиваат соодветна поддршка, вклучувајќи лична асистенција и поддршка од негуватели.

Активностите за трансформација на Заводот Бања Банско се реализираат со средства од буџетот на МТСП, соработка со Општина Струмица и со поддршка на 4-те агенции на Обединетите нации – УНДП, УНИЦЕФ, УНЖЕНИ и УНФПА. Продолжи и трансформацијата на Специјалниот завод Демир Капија, односно 7 возрасни лица беа прeселени во Одделот на Заводот за живеење со поддршка во рамките на кој функционираат две нови станбени единици. Во јануари 2020, започна спроведувањето на три проекти финансирани од ЕУ (ИПА II) кои до крајот на 2022 ќе ја поддржат преселбата на над 100 корисници на Специјалниот завод Демир Капија во сервиси во заедницата за живеење со поддршка.