Фото: Зоран Антоски

По точно 51 година во црквата „Свети Атанасиј Велики“ во селото Козичино Кичевско, се случи првата венчавка. Честа да ја возобноват оваа традиција им припадна на Дарко Стојкоски, родум од ова село, и на Ангелина Султанцева од Кичево, кои судбоносното да го кажаа во овој преубав храм, изграден пред 150 години.

– Идејата по половина век да бидеме првите што се венчале во селската црква, произлезе откако последните неколку години, ние помладите од ова село, во сѐ поголем број се приклучувавме во акциите за реновирање на селската црква „Свети Атанасиј Велики“ со намера да го заживееме црковниот храм, бидејќи тука со години се немаше одржано литургија, а свештеник доаѓаше единствено за погреби. Затоа одлучивме да бидеме првите што ќе ја прекинат непријатната традиција и ќе направиме венчавка тука во селото, од каде што се и нашите корени – истакна младоженецот Дарко Стојкоски.

Тој очекува по неговите стапки да тргнат и другите млади од селото.
– Откако нам ни припадна честа да бидеме првиот брачен пар што се венчал во оваа црква по половина век, очекуваме по нашите стапки да тргнат и другите млади од ова село, независно каде живеат. Со нашата венчавка направивме еден мал чекор кон возобновување на овие традиции во нашиот крај и духовен поттик на животот во селото.

Покрај венчавките, за брзо време очекуваме тука да се случи и првата крштевка – додаде Дарко.

Инаку, селото Козичино е оддалечено 20 километри од Кичево и моментално во него живеат едвај неколкумина постојани жители, додека пред 50 години кога се случила и последната венчавка, во селото живееле над 100 жители во 45 куќи. Црквата е изградена во периодот од 1883 до 1885 година, а преубавиот иконостас во црквата „Свети Атанасиј“ е дело на мајсторските тајфи резбари од Мијачијата.

Фото: Зоран Антоски