Вицепремиерот Артан Груби очекува 1.349 рамковни административци да почнат со работа од 1 февруари, откако почна постапката за нивна распределба во 237 институции.

Службениците нема да имаат опција да бираат во која институција ќе работат, согласно планот што го усвои Владата. Листата е прочистена од оние кои се надвор од државата, откако со дел од нив биле раскинати договорите, или пак, сами дале отказ.

– Ако по било кој основ било кој од нив не дојде да го земе решението во рок од седум дена му се прекинува работното место – вели Груби.

Најголем број од наведените службеници се економисти и правници, додека има вработени и со средно образование. Институциите што ќе ги примат се должни да ги обучат за работа, според најавите.

Во согласност со Законот за заштита на личните податоци јавноста, барем засега нема да има увид каде ќе бидат распределени службениците. Можно е објавување на дополнителни информации по прочистувањето на списокот.

Груби најави дека во МВР ќе бидат прераспределени 134 службеници, во Агенција за вработување – 20, Агенција за заштита на лични податоци – 30, Агенција за катастар – 39, Агенција за храна и ветеринарство – 10, Влада – Служба за општи и зааеднишки работи – 12, Дирекција за заштита и спасување – 10, Државен архив – 12, Државен инспекторат за труд – 13, Државен пазарен инспекторат – 35, Министерство за информатичко општество – 11, Министерство за надворешни работи – 26, Министерство за образование – 11, Управа за водење на матични книги – 41, Царинска управа – 74, Освен суд – Тетово – 10, Основно јавно обвинителство – Тетово – 10.