Со 95 гласа „за“ и со 7 „против“ на пратениците од коалицијата Алијанса за Албанците- Алтернатива , Собранието го усвои, предлогот да се расправа за измена на Законот за пописот со кој оваа статистичка операција ќе одложи за месец септември, а доаѓа по средбата на Премиерот Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Пратениците едногласно со 102 гласа го усвоија предлогот да се расправа и да се донесат Измените на Изборниот законик кои предвидуваат употреба на фингерпринт на локалните избори и нивно одложување за втората половина на октомври. Собранискиот спикер по гласањето на предлогот, констатира дека конечно Собранието е одраз на договор и покажало дека има демократски капацитет.

– Оваа е знак на демократијата во пракса, ова показател дека пратениците знаат да се усогласат и едногласно да носат одлуки, ова е добар пример за граѓаните што ги претставувамe – рече Џафери.

Против одложување на пописот се Алијанса на Албанците и Алтернатива кои најавија дека нивниот став нема да се промени затоа што сметаат дека пописот се одлага од политчки, не од здравствени причини. Тие најавија дека одложувањето на пописот ќе го блокираат со амандмни на собраниските комисии.

– Барам да не го подржат ДУИ овој закон, за да не се повтори 2011 година, кога пропадна пописот. Ако го поддржите, тогаш ќе сметаме дека сте против интересите на Албанците. Албанската опозиција нема да молчи, како што не молчевме за Законот за државјанството, така нема да молчиме ниту за пролонгирањето на Пописот , кое не е од здравствени туку од политички причини – рече пратеникот Скендер Реџепи координатор на пратеничката група на Алијанса за Албанците.

На прозивката во име на ДУИ , одговори пратеникот Арбер Адеми кој истакна дека нема да ја подржат опозицијата поради својата неодлучност и неконзистентност.

– Пратениците од ДУИ се важни во оваа Собрание, затоа што прават визионерски политики, не случајно граѓаните ни даваат нас поддршка. А вие што правите, еден став имате рано наутро, вечер друг, а утре се будите со трет. Кој ваш став да го поддржиме? Сами барате средби со Заев и со Мицкоски, а не одговарате на поканете кои ние ви ги нудиме, за кои политики да ве поддржиме – рече Адеми.

По изгласаниот дневен ред на кој се овие две предложени законски решенија по барање на пратеникот Скендер Реџепи, спикерот Талат Џафери даде пауза од еден час, а матичните комисии ги задолжи да расправаат по двете точки. По разгледувањето во комисиите, предлозите се враќаат на седницата на која пратениците ќе треба да ги изгласаат.