Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој утре ќе изврши исплата на 14 милиони денари субвенции за произведено и предадено овошје во преработувачки капацитети, за произведени и продадени градинарски култури во преработувачки капацитети и за интервентните мерки за дополнителна субвенција од шест денари за килограм праски и два денара за килограм лубеници. 

Од оваа сума околу 2,5 милиони денари се за субвенции за произведено и продадено овошје во преработувачки капацитети кои ќе се исплатат на 147 лица, а близу 1,2 милиони денари за интервентната мерка за праски за 56 лица.

Околу 9,3 милиони денари се за произведени и продадени градинарски култури во преработувачки капацитети за 278 лица и над 1,1 милиони денари за интервентната мерка за лубеници за 26 лица.

Во изминатиот период за субвенции за произведено и предадено овошје во преработувачки капацитети се исплатени околу 33,7 милиони денари на 1.471 лице и над 2,4 милиони денари за интервентната мерка за праски на 68 лица.

Интервентната мерка за праските Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја донесе на 20 јуни минатата години со цел да им се излезе во пресрет на производителите на праски поради ниската откупната цена.

Ваква интервентна мерка за дополнителна финансиска поддршка од два денари за килограм на почетокот на јули минатата година беше донесена и за производителите на лубеници, за што неодамна се исплатија над 5,4 милиони денари на 156 лица.

Изминатиот период за мерката за произведени и продадени градинарски култури во преработувачки капацитети се исплатени близу 121 милиони денари на 2.958 лица.

Минатата недела се исплатија 80 отсто или 22 милиони денари за субвенции за тутунот од реколатата 2017, на сметките на 20.800 тутунопроизводители. Оваа година тутунарите добија зголемени субвенции за тутунот според новиот модел, односно 80 денари субвенција за прва класа тутун, 70 денари за втора класа и 60 денари за трета,четврта и дополнителните класи. Во тек е подготовката на налозите за исплата на преостанатите околу 20 отсто субвенции за тутунот.

Во однос на релизацијата на субвенциите за мерките од Програмата за финансиска поддршка на земјоделството 2017, досега се исплатени близу шест милијарди денари. Исплатата прдолжува континуирано и во следниот период, со динамика која гарантира почитување на законскиот рок за целосна исплата на субвенциите за 2017 година, односно 30 јуни.