Фото: Маја Јаневска- Илиева

Собранието попладнево по неколку одложувања изминатите денови ја почна седницата на чиј дневен ред се уставните измени, кои произлегуваат од Договорот од Преспа во третата и финална фаза, откако претходно договор беше постигнат околу барањата на Беса на Биљал Касами.

Премиерот Зоран Заев и Беса на Касами неколку дена преговараа околу барањата на партијата, која има двајца пратеници во Парламентот, кои се однесуваа на начинот на кој ќе се дефинира државјанството и за заштитата на дијаспората.

СДСМ, како што претходно на прес-конференција изјави портпаролот на партијата, Костадин Костадинов, ги вложуваат сите напори за да обезбедат двотретинско мнозинство за последната фаза од устаните измени и се оптимисти дека до чинот на гласањето тоа ќе биде обезбедено.

Седницата почна во средата кога премиерот Зоран Заев имаше експозе за уставните измени, по што претседателот на Собранието ја прекина и неколку пати ја презакажуваше изминативе денови.

На дневен ред на оваа седница се предлог-амандманите XXXIII, XXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот на Република Македонија, како и предлог-уставниот закон за прогласување на амандманите.

Секој амандман се утврдува со обично мнозинство, потоа се отвора општиот претрес, па претресот по текстови и секој амандман поединечно се гласа со двотретинско мнозинство. Потоа се гласа за сите амандмани заедно со двотретинско мнозинство и на крајот се отвора уставниот закон, за чие усвојување исто така е потребно двотретинско мнозинство.

Овие амандмани ќе бидат составен дел на Уставот на Република Македонија и ќе влезат во сила со влегување во сила на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 г. и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните и ратификацијата на Протоколот за пристапување во НАТО од Првата страна на Конечната спогодба.

Расправата почна без пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, кои и претходно најавија дека нема да учествуваат во последната фаза од уставните измени, а во седиштето на партијата состанок има Извршниот комитет на кој се расправа за уставните измени и за натамошното делување на партијата. Генералниот секретар на партијата Игор Јанушев пред состанокот изјави дека е повикана целата пратеничка група. Прашан дали е можно ВМРО-ДПМНЕ да ја напушти работата во Собранието, Јанушев рече дека ќе биде преиспитано нивното идно дејствување во институциите.

Пред Собранието на Република Македонија и денеска се одржува граѓански протест против промената на името, во организација на „Македонија блокира“ и „Тврдокорни“.