Во услови на глобални процеси и движења ниту една земја не е заштитена од продорот на тероризмот на свое тло. Особено земјите како нашата, кои се поранливи поради мултиетничноста и мултиконфесионалноста од една, како и поради опасностите од маргинализација и нерешени егзистенцијални прашања на одредени категории граѓани, од друга страна.

Ова денеска го изјави министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, на потпишувањето на Меморандумот за проектот „Јакнење на отпорноста од насилен екстремизам на локалните заедници во Македонија“.

Посочи дека оттаму е исклучително важно да се работи во локалните заедници, особено во оние каде што ризиците се поизразени.

– На микро ниво, таму каде што луѓето се познаваат меѓу себе, каде што секојдневно комуницираат и разменуваат информации, таму треба да се делува преку подигнување на јавната свест, но и преку јакнење на меѓусебната доверба меѓу граѓаните од различна верска и етничка припадност, како и зголемување на довербата во институциите, особено во органите задолжени за редот и мирот во државата, рече Фазлиу.

Според него, исклучително е важно што вниманието е свртено кон локалните заедници, затоа што тие се најранливите точки, но во исто време доколку се информирани и на соодветен начин подготвени надлежните и други таргетирани институции и групи, тогаш, како што рече, ризикот се сведува на минимум.

– Нема алтернатива, освен превенција преку политика на сеопфатно делување од најмалата точка, од граѓанинот и семејството, преку локалната заедница, на национално и на глобално ниво. Со членството во НАТО и во ЕУ, Македонија да стане дел од глобалниот систем за заштита и одбрана и од насилниот тероризам, преку градење глобални стандарди за превенција и координирано делување, истакна Фазлиу.

Министерот ја истакна и потребата од проширување на ваквиот вид соработка и во други општини.

Британската амбасадорка во Македонија Рејчел Галовеј, истакна дека нашите заедници ќе бидат онолку силни, колку што ќе инвестираме во нив, за да бидат поотпорни од заканата на насилниот екстремизам.

– Во последните неколку години го видовме хоророт на насилниот екстремизам и тероризмот и што тој може да стори. Затоа ова партнерство е важно за заедниците, централната власт, граѓанското општество, полициските служби, религиските водачи, наставниот кадар… сите треба да ја споделиме одговорноста да изградиме посилни заедници, кои ќе можат да превенираат и да одговорат на заканата на насилниот екстремизам, рече Галовеј.

Заменик-амбасадорот на Холандија во земјава, Андри ван Менс, рече дека е многу важна соработката на регионално и меѓународно ниво, бидејќи тероризмот не застанува на границите, и оти борбата против насилниот екстремизам е меѓу шесте главни приоритети за Западен Балкан во кои Холандија е доста инволвирана со соодветна помош.

Потпретседателот на ЗЕЛС и градоначалник на општина Чаир Висар Ганиу, посочи дека ниту една држава не може сама да се справи со појавата на насилниот екстремизам, и истакна дека како локална самоуправа неопходно е заеднички организиран пристап против сите видови екстремизам.

– Насилниот екстремизам нема оправдување и не треба да се идентификува со етничка и религиска припадност. Борбата против насилниот екстремизам треба да ги вклучува сите институционални механизми за спречување на оваа појава. Трите општини, учесници во овој проект, ќе бидеме во првиот ред за борба против насилниот екстремизам, и секогаш во согласност со законите, рече Ганиу.

Тој повика „заеднички, едногласно да говориме дека ние сме за мир и соработка меѓу сите граѓани“.

Меморандумот за проектот „Јакнење на отпорноста од насилен екстремизам на локалните заедници во Македонија“ е потпишан меѓу Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам, Центарот за заедничка основа од Скопје и општините Чаир, Гостивар и Кичево.