Министерството за здравство информира дека пред два дена на Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН) ја почнало постапката за јавна набавка на градежно-занаетчиските услуги за тековно одржување на здравствените објекти и набавка на болнички кревети и ТВ-приемници за потребите на 34 здравствени установи во Македонија.

Оттука велат дека заради подобрување на условите во кои се даваат примарните здравствени услуги, почната е постапката за јавна набавка за градежно-занаетчиски услуги кои ќе опфатат: комплетно молерисување на сите внатрешни простори со материјали и бои што се користат за ентериери во болници и други јавни простории и истите овозможуваат соодветно одржување и чистење; поправка и репарирање на внатрешни врати и прозорци; замена на ѕидни и подни плочки и замена на галантерија во тоалети.

Од министерството додаваат дека заради подобрување на условите во кои се даваат примарните здравствени услуги, спроведуваат и јавна набавка на нови болнички кревети и телевизори во болничките соби.

Министерството ги повикува сите заинтересирани економски оператори кои имаат интерес за учество да ја погледнат целокупната документација во Електронскиот систем за јавни набавки.