Поставуваме камен-темелник на заедничкиот граничен премин и во буквална смисла поставуваме камен-темелник на заедничкиот објект на двете држави, што на целиот проект му дава важна политичка димензија за исклучително добрите односи помеѓу Република Македонија и Република Косово, кои со ваквите проекти само се продлабочуваат.

Ова денеска го изјави вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи на поставувањето камен-темелник за изградба на заедничкиот премин меѓу Република Македонија и Република Косово – „Белановце – Станчиќ“. 

Османи, како што соопшти Секретаријатот за европски прашања,  посочи на значењето што овој проект го има и за локалното население од општините Липково во Македонија, како и Гнилане на Косово, но и за локалното население кое гравитира околу овие општини и околу овој регион. 

– Преку овој проект ќе им се олесни меѓусебната комуникацијата на граѓаните на овие и соседните општини, што претставува и основен предуслов за зголемување на трговската размена и економската соработка меѓу овие региони, потенцијал за развој на бизнисот, за економски напредок итн., со што овој проект, покрај локалното значење, претставува важна придобивка и за унапредување на севкупната трговска и економската соработка меѓу двете земји, истакна Османи. 

Вицепремиерот  се осврнал и на останатите проекти за меѓугранична соработка меѓу Македонија и Косово, финансирани од ЕУ. Во тек се проекти од неколку милиони евра, посочувајќи дека за наредниот период на располагање се ставени преку осум милиони евра за кои ќе се аплицира со проекти се до 2020 година.

– Тоа не се наши пари, ниту пари на даночните обврзници на Македонија и Косово, туку пари на даночните обврзници на земјите – членки на Унијата, кои одлучиле дека овие средства е подобро да се искористат тука, кај нас, отколку во нивните држави- додаде Османи. Тој упати благодарност до Европската унија и нејзините земји членки, преку евроамбасадорите во Македонија и Косово, Самуел Жбогар и Наталија Апостолова. 

На поставувањето камен-темелник на граничниот премин Белановце – Станчиќ, покрај вицепремиерите на Македонија и Косово Бујар Османи и Енвер Хоџај, присуствуваа и евроамбасадорите во Македонија и Косово, Самуел Жбогар и Наталија Апостолова, бројни министри од Владите на двете земји, како и градоначалниците на локалните општини од двете земји.