На 60-годишна возраст, вчера почина д-р Љупчо Меловски, редовен професор на Институтот за биологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Професорот Меловски беше доајен на еколошката наука во Македонија, долгогодишен претседател на Македонското еколошко друштво, пасиониран ботаничар, борец за заштита на природата и учител на стотици млади истражувачи и еколози.

За асистент на Ботаничкиот завод при Институтот за биологија на ПМФ – Скопје бил избран во 1992 г. и преизбран во 1995 г. За доцент бил избран во 1997 г., а за вонреден професор во 2002 г.. Бил вклучен во реализацијата на практичната настава по предметот Екологија на растенијата и други сродни предмети, како и други општо­биолошки предмети.

Од изборот за доцент до денеска држел настава од повеќе еколошки предмети (Екологија и Екофизиологија на растенијата и заштита на животната средина). Во наставата на еколошката насока на институтот воведе повеќе нови предмети: екологија на терестрични екосистеми, биогеохемиски циклуси и дел од екологија на антропогени екосистеми. Од самиот почеток бил вклучен во изработката на научноистражувачкиот проект „Комлексни екосистемски истражувања на македонскиот дабов плоскачево-церов екосистем во Националниот парк Галичица“ од кој произлегла и неговата магистерска работа „Динамика на шумската простирка, годишен опад, брзина на разградување и ослободување на CO2 од почвата на македонскиот дабов плоскачево-церов екосистем во националниот парк ‘Галичица’” (1991), како и докторската дисертација „Кружење на биоелементите во македонскиот плоскачево-церов екосистем во националниот парк ‘Галичица’” (1996).

До денеска учествувал во изработката на повеќе од 15 научноистражувачки проекти и бил раководител на три. Од тоа произлезе објавување на повеќе од 45 научни трудови. Бил вклучен во многу стручни проектни активности од апликативен карактер, особено од областа на биодиверзитетот и конзервацијата на природата. Учествувал во изработката на Законот за заштита на природата на РМ, Националната стратегија за заштита на биодиверзитетот, како и многу стручни студии од областа на заштитата на животната средина за различни делови на Македонија и други држави од Југоисточна Европа.

Беше член на Македонското еколошко друштво од 1984 година и негов претседател од 2001 година. Во рамките на Друштвото покажал многубројни активности од областа на подигањето на јавната свест за еколошките проблеми, а раководел и со проекти финансирани од странски фондации.