Големиот македонски лингвист Трајко Стаматоски почина на 96-годишна возраст од компликации од коронавирус додека се лечеше во болницата „8 Септември“.

Стаматоски (роден во Скопје 1925) се занимаваше со новинарство во Радио Скопје, но многу бргу се префрли на научната дејност под големо влијание на работата на Блаже Конески. Односот меѓу Стаматоски и Конески е еден од најблиските забележан во македонската наука, кој произведе големи дострели во етаблирањето, развивањето и афирмиацијата на македонскиот јазик.

Стаматоски беше еден и од најголемите бранители на македонскиот јазик при нападите на лингвистичка и политичка Софија, која ја негираше неговата самобитност.

Тој беше автор на „Речникот на македонски јазик“, заедно со другите двајца познати лингвисти, Тодор Димитровски и Благоја Корубин, и во редакција на Блаже Конески. Меѓу многуте книги што ги напиша попознати се „Борба за македонски литературен јазик“, „Македонска ономастика“, „Кон ликот на Блаже Конески“, „Во одбрана на македонскиот литературен јазик“… Покрај тоа имаше и околу 400 научни и стручни трудови. Стаматоски е еден од основачите на Семинарот за македонски јазик и литература.

Стаматоски беше веројатно најголемиот македонски ономастичар, а како врвен научник, долги години беше директор на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“. Последниве години беше претседател на Градскиот одбор на борците од НОБ на Скопје.