На 11 јануари, со навршени девет децении живот, почина еден од најзначајните македонски интелектуалци, филозофот-естетичар, книжевен критичар и теоретичар, есеист и универзитетски професор, академик Георги Старделов. Беше пример за длабок мислител, минуциозен аналитичар и во исто време инспиративен изведувач на синтези и творечки поврзувања, извонреден стилист и сугестивен едукатор, впечатлив оратор и секогаш интересен собеседник.

Зад себе остави огромно и првокласно по квалитет творештво, кое се вградува во столбовите на македонската литература, од кое ги издвојуваме критичко-есеистичките дела: „Есеи“ (1957), „Модерното и модернизмот“ (1962), „Светови“ (1969), „Антеј бара почва“ (1971), „Доба на противречности“ (1977), „Меѓу литературата и животот“ (1981), „Македонско светско чудо“ (2009), како и студиите: „Еxperimentum Macedonicum“ (1983), „Изморена авангарда“ (1985), „Одземање на силата – Поезијата на Блаже Конески“ (1989), „Ѕumma aestheticae“ (1991), „Антеј ја допира земјата“ (1993), „Величанија – Поезијата и поетското искуство на Анте Поповски“ (1997), „Небиднината – Поезијата и поетското искуство на Ацо Шопов“ (2000), „Искушенијата на естетичкиот ум – 20. Век“ (2003), „Балканска естетика – една друга естетика“ (2004), „Angelus Novus (Или подготовка за лет)“ (2004), „Ноќен градинар“ (2006), „Небесен клучар – книжевното наследство на Славко Јаневски“ (2008), „Херменефтика на новата македонска книжевност“ (2008), „Слушате ли Каина-велијци?“ (Славко Јаневски – книжевна генеологија, 2010), „Слова“ (2011), „Summa aestheticae. I, Јужнословенска естетика“ (2015), „Summa aestheticae. II, Балканска естетика – една друга естетика“ (2015), „Summa aestheticae. III, Историја на европската естетика на XX век“ (2015). Автор е и на десетина релевантни антологии од различни жанрови на македонската книжевност.

Академик Старделов беше член на ДПМ од 1957 година и во одреден период и негов претседател. Неговиот профил на филозоф-естетичар со нагласен интерес за книжевноста е посебно значаен за македонската култура, затоа што покажува колку се неопходни оние книжевници кои својот труд, ерудиција и талент ги вложуваат во објаснувањето и валоризирањето на уметничкото творештво на другите писатели и на глобалните и локалните културни процеси. Тој беше врвен ерудит, со нагласен книжевен талент и со огромна енергија и творечко љубопитство. Старделов останува еден од најдобрите познавачи и афирматори на творештвото на нашите канонски писатели, како што се Блаже Конески, Анте Поповски, Славко Јаневски, Ацо Шопов и многу други. Неговиот грандиозен опус е непроценливо богатство на кое постојано му се навраќаме, а ќе му се навраќаат и генерациите што доаѓаат по нас.