Жените инженери иако како студенти покажуваат подобар успех потешко стасуват до раководни места во Македонија, особено во енергетскиот сектор. Затоа е потребно тие да се мотивираат да бидат поупорни во обидите да се вклучат во оваа традиционално машка професија, беше речено на денешната Втора меѓународна конференција „Жени во енергетика 2018”.

Причините за ова, како што рече професор Христина Спасевска, претседател на Инженерската институција на Македонија, лежат во традиционалните бариери како формирање семејство, раѓање и одгледување деца, но и поради отвореното прашање дали можат да се снајдат во традиционално машка професија.

– Исто така, постои значителен јаз во однос на мажите и при заземање високи менаџерски позиции во енергетските компании. Затоа, на ваков начин сакаме да ги поттикнеме младите интелектуалки да продолжат со градење на својата кариера и по завршување на високото образование, да ги информираме и обучиме за најновите случувања во енергетиката и преку позитивни примери да ги мотивираме компаниите, се повеќе да ги отвораат своите врати и менаџерски позиции за жените- рече Спасевска.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска истакна дека Владата и Министерството со кое таа раководи се подготвени да придонесат за трајни промени и да изградат општество кое ќе нуди еднакви можности за сите.

Наша цел, рече, е да реализираме активности кои ќе се однесуваат еднакво кон мажите и жените, но и да изградиме механизми кои ќе овозможат еднаков личен, општествен и професионален развој.

Вели дека без искористување на целосните капацитети на жените кои се над 50 проценти од популацијата, Македонија не може да смета на поголем економски раст и развој.

Според Царовска, треба да се работи и на намалување на јазот не само во пристапот до раководни позиции и не само во енергетиката, туку и на намалување на јзот во платите меѓу жените и мажите кој, како што рече, е поголем од 10 проценти.

Според Штефан Петер, организацијата на конференцијата по втор пат ја покажува волјата на организаторите да променат нешто и да бидат упорни во надминувањето на родовиот јаз во општеството, проблем, кој како што рече, не се бележи само во енергетскиот сектор и само во Македонија.

На конференцијата учествуваат експерти, претставници од универзитети, од бизнис заедницата, меѓународни и регионални организации, државни институции и професионални организации од 12 земји членки на Централно-европската иницијатива, кои работат во енергетскиот сектор.