Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, оствари средба со шефовите на набљудувачките мисии на штотуку завршените претседателски избори – на парламентарните собранија на ОБСЕ, Серен Моборњ, и на Советот на Европа, Мари-Кристин Далоз, како и со шефот на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, Корнелија Јонкер.

Од Министерството соопштија дека на средбата високите меѓународни претставници изразиле задоволство од добро спроведениот втор изборен круг и од мирната и демократска атмосфера која овозможила слободно изразување на волјата на гласачите.

– Во рамки на средбата беше истакната ефикасноста, професионалноста и непристрасноста на изборната администрација, како и транспарентноста на целокупниот изборен процес. Потенцирана беше и улогата на медиумите кои овозможија мноштво на информации за кандидатите и балансирано покривање на кампањата. Иако законската рамка за одржување на изборите е оценета како погодна за одржување на демократски избори, сепак беше укажано на потребата од сеопфатна реформа на изборното законодавство која ќе ги отстрани воочените правни недостатоци и празнини – велат од Министерството.

Димитров истакнал дека одржаните претседателски избори го покажале демократскиот капацитет и зрелоста на институциите, но пред се и над се на граѓаните, како неопходен предуслов за европската интеграција на земјата. Заблагодарувајќи се за поддршката на ОБСЕ/ОДИХР и на Советот на Европа, Министерот ја реафирмирал подготвеноста на Владата за продолжување на реформите на изборното законодавство, како неопходност и во контекст на европската интеграција на земјата, информираат од Министерството за надворешни работи.