Агенцијата за катастар на недвижности и Нотарска комора на Република Северна Македонија потпишаа меморандум за соработка, со цел уредување на досегашната и идната меѓуинституционална соработка која ќе придонесува за организирана меѓусебна поддршка во исполнување на надлежностите на страните, која пред се е од интерес и во служба на граѓаните и полесно и поефикасно остварување на нивните права и интереси.

На свеченото потпишување во просториите на Нотарската комора, присуствуваше делегација на Агенцијата за катастар на недвижности предводена од директорот м-р Борис Тунџев и делегација на Нотарската комора на РСМ предводена од претседателот Васил Кузманоски

Нотарската комора и Агенцијата за катастар на недвижности соработуваат повеќе години наназад и тоа се изразува во повеќе форми на соработка, особено преку присуство на семинари, работилници, состаноци и други форми на средби организирани од двете страни, па од тука произлезе и фактот дека потпишување на
Меморандумот за соработка помеѓу овие две институции ќе биде логичен чекор во насока на продлабочување и конкретизирање на досегашна заедничка соработка.

Дефинирањето на една нормативна рамка, како што е овој Меморандум за соработка, е нужност од која корист ќе имаат и двете страни, а најголемиот ефект и придобивки ќе осетат граѓаните.

Меморандумот за соработка е склучен во согласност со надлежностите утврдени во Законот за катастар на недвижности и Законот за нотаријатот, во духот на заемнат меѓуинституционална соработка која ќе придонесува за организирана и дефинирана меѓусебна поддршка во исполнување на надлежностите на двете страни, преку размена на знаење, искуства, меѓусебна техничка поддршка, одржување на редовни работни состаноци и обуки.  Меморандумот кој се склучува врз основа на принципите на законитост, професионалност, транспарентност, стручност, ефикасност и сервисна ориентација уредува доста позитивни аспекти во насока на подобрување на професионализмот, стручноста и ефикасноста во работењето на страните.

Почнувајќи од 2010 година, кога започна процесот на дигитализација на Катастарот,
нотарите, како главни чинители беа активно вклучени во процесот на градење на електронскиот систем на Катастарот. Иако на почеток не беа вклучени сите нотари, сепак со измените на Законот за катастар на недвижности од 2014 година, се воведе законска обврска за задолжително поврзување на нотарите со е-кат шалтерот на Катастарот, па до денес во улога на професионални корисници нотарите имаат значен придонес во одржување и надоградување на овој електронски систем, преку електронско доставување на податоците за правните основи на сопственоста, како и други правни исправи кои се основа за полнење на воспоставените регистри на катастарот (посебно регистарот на цени и закупнини). Се воведе и привилигијата за
издавање на имотни листови од страна на нотарите, со што нотаријатот даде значителен придонес во растеретување на катастарските шалтери.