Фото: бгнес

Идентификацијата на телата на 45-те жртви во сообраќајната несреќа на автопатот „Струма“ треба да биде завршена до утре, по што ќе почне подготовката тие да бидат донесени во Македонија, соопштија владините портпароли на денешната редовна прес-конференција, врз основа на најавите од Обвинителството на Бугарија.

– Останките ќе бидат донесени в петок и преку организиран државен протокол ќе им бидат предадени на семејствата во нивните домови – истакна портпаролот Муамет Хоџа одговарајќи на новинарско прашање.

Министерот за здравство Венко Филипче претходно информираше дека интензивно се работи денеска или утре да завршат ДНК-анализите на загинатите, по што ќе се организира транспортот на нивните посмртни останки кон земјава.