Ексклузивно интервју со амбасадорот на Кралството Шпанија, Емилио Лоренсо Сера

Просперитетот и модернизмот на Шпанија добија спектакуларен поттик со влезот во Европската Унија и во НАТО. Како пријател на оваа земја, она што ви посакувам е да доживеете слична трансформација, благодарение на влезот во двете организации

Шпанија доби нова влада во почетокот на јуни годинава. Какви промени донесе новата влада и што значи тоа за обичните граѓани?

– Новата влада, со која претседава лидерот на ПСОЕ, г. Педро Санчес, е резултат од гласањето недоверба на претходната влада. Првпат во последниве 40 години, откога стапи во сила Уставот од 1978 година, се случи да биде изгласана недоверба на Владата, која во Шпанија задолжително треба да биде конструктивна, по пример на германскиот устав (Grundgesetz), од каде што се инспирира нашиот Устав. Тоа значи истовремено гласање за соборување на Владата и гласање за нов кандидат за претседател на Владата.

Новата влада на г. Санчес, пред сѐ, се карактеризира како длабоко проевропска. На пример, министерот за надворешни работи, за Европската Унија и за соработка, г. Јосеп Борел, помеѓу повеќето функции, беше и претседател на Европскиот парламент; министерката за економија, г-ѓа Надја Калвињо, непосредно пред да влезе во Владата, беше генерална директорка на буџетот на Европската комисија; министерот за земјоделство, г. Луис Планас, беше шеф на кабинет на двајца европски комесари и амбасадор на Шпанија во Европската Унија. Новата влада има единаесет жени министри, од вкупно седумнаесет члена на кабинетот. Владата е исто така малцинска и еднопартиска.

На Шпанија добро ѝ одеше со малцинските влади, бидејќи тоа подразбира повеќе дијалог и преговори со другите политички сили. Со оглед на тоа дека Шпанија добро напредуваше во Европската Унија, логично е што настојува да придонесе за нејзиниот успех. Жената честопати е помудра од мажот. Сето ова ни овозможува да предвидиме дека ова ќе биде многу добра влада за граѓаните на Шпанија.

Економските аналитичари ја гледаат Шпанија како земја со висок долг. На што се потпира шпанската економија за да може да ја извлече земјата од таквата состојба?
– Ако мислите на Шпанија како држава, нејзината задолженост како процент од БДП не е особено висока. Тоа е околу половина од долгот на Јапонија, а не знам дали некој е загрижен за нејзиното ниво на задолженост. Одржливоста на долгот, во основа, зависи од три фактори.
Прво, цврстината и силата на Централната банка, која ја поддржува дадената валута. Во случајот на Шпанија, како членка на еврозоната, тоа би била Европската централна банка, чија солидност не може да се доведе во прашање, ниту пак ставот на гувернерот, г. Марио Драги, за одбрана на еврото: „…ќе сторам сѐ што треба. И верувајте ми, тоа ќе биде доволно!“.

Второ, од капацитетот на порастот на економијата, кој Шпанија дури и го надмина. Во 2017 година, шпанската економија порасна за 3,1 проценти, четврта година по ред, и трета година со над 3 проценти пораст, при што се создадоа два милиони работни места и вишок во билансот на тековната сметка. Прогнозата за пораст на шпанскиот БДП на ММФ за 2018 година изнесува 2,8 проценти, а за 2019 година 2,2 проценти.
Ова беше овозможено благодарение на промената на економскиот модел, денес базиран врз странскиот сектор и конкурентноста. Во 2017 година, извозот на стоки и на услуги изнесуваше 396.264 милиони евра, што претставува пораст од 36 проценти во однос на 2008 година. Шпанската економија во моментов е многу интернационализирана, при што извозот на стоки и услуги изнесува 34 проценти од БДП, што ја прави Шпанија втора економија по ред по интернационализираност, помеѓу големите економии на ЕУ веднаш зад Германија.

И, трето, на волјата и способноста буџетскиот дефицит да се задржи под контрола. Владата на г. Санчес е целосно посветена на европската буџетска дисциплина. Како што е познато, за министер за економија е избрана г-ѓа Калвињо, која до пред пет недели ја вршеше функцијата генерален директор на буџетот на Европската комисија. Од друга страна, пак, шпанската даночна агенција е една од најдобрите во светот, така што, без сомнение, нашиот намален дефицит е под контрола.
Во својот финансиски сектор, Шпанија располага со две најдобро раководени, најразновидни и адаптабилни банки во светот: Банко де Сантандер и ББВА. Проблемите што постоеле со штедилниците во минатото се решени, делумно со помош на ЕУ, со соодветните капитализации и со создавањето на Европската банкарска унија. Последната, Европската банкарска унија, како и другите аспекти на архитектурата на еврото, е предмет на нови засилени напори, од кои главниот и најамбициозен проект му се препишува на претседателот Макрон. Сепак, колку и да им тежи тоа на одредени играчи, еврото е една неповратна реалност.

Последниве неколку години се актуализира прашањето на Каталонија. Каков е ставот на новата влада по ова прашање и каква е актуелната состојба во овој дел од земјата и по одржаниот референдум лани?
– Дозволете ми да истакнам дека во Шпанија не се одржа никаков референдум минатата година. Каталонската влада организира консултации спротивно на Уставот, на Статутот на Каталонија и на законите, кои не исполнија ниту еден легитимен услов ниту, пак, важечки стандарди во демократијата.
Новата влада го презеде својот мандат со намера да одговори на предизвиците преку дијалог и почитување на плуралноста на каталонското општество, притоа покажувајќи емпатија, сочувство и добра волја при спроведувањето на механизмите за да може дијалогот да се развива во институционална форма, враќајќи ја во функција работата на билатералната комисија помеѓу Централната власт и Генералитатот. Накратко, поради настанатите сериозни социјални разидувања, кои дури ги одвоија и семејствата на Каталонците, приоритет е нивното помирување.
Регионалните власти треба да ги обезбедат правата на сите, како на сецесионистите така и на антисецесиониститите, притоа ставајќи им крај на обвинувањата и на дискриминацијата што ги претрпеа Каталонците што беа против отцепувањето. По изборите во Каталонија, во декември минатата година, сценариото е нормализација на јавниот живот и соживот.

Како се справувате со пропагандата и феноменот на лажните вести во вашата земја?
– Човечкото суштество е цел само по себе. Но, понекогаш, комерцијалното рекламирање и политичката пропаганда го прават инструмент со кој се обидуваат да манипулираат. Во овој контекст постои феноменот на „лажните вести“, кои понекогаш се полувистини или, пак, комплетни невистини. Тој феномен располага со значителен манипулативен потенцијал во универзумот на социјалните мрежи, благодарение на спектакуларниот напредок во електрониката и роботизацијата.
Се чини дека постојат веродостојни информации во однос на употребата на „лажните вести“ за време на избори, референдуми и други неодамнешни политички настани, во различни земји, лоцирани на различни меридијани. Дури, се чини дека би можело да се работи за иста нишка и за иста „рака“ што ги движи. Европската Унија сериозно го сфаќа овој феномен.
Соочени со оваа реалност, верувам дека образованието на младите треба да ги зајакне хуманитарните науки, како што се филозофијата и историјата, кои ќе им помогнат да мислат и да имаат свои критериуми. Како резултат на тоа, луѓето би станале поотпорни на манипулацијата. Но очигледно е дека ова не може да се постигне прекуноќ. Во пократок рок, новинарот би можел да игра голема улога, да внимава да не придонесе во засилувањето на влијанието на „лажните вести“ и да не направи ехо од нив.

Како и повеќето европски држави, и Шпанија е погодена од бегалската криза и проблемот со мигрантите. Какви мерки се планираат по однос на ова прашање, постои ли европска солидарност или некои земји се на поголем удар од другите?
– Како што е наведено погоре, една од карактеристиките на новата шпанска влада е нејзиниот длабок европеизам. Затоа, таа работи со цел одговорот на овој комплексен предизвик да се базира врз договор помеѓу партнерите, во потрага по баланс помеѓу трите параметри: великодушноста, која Шпанија ја демонстрира со бегалците од „Аквариус“, солидарноста и реализмот.

Како гледате на актуелниот развој на македонско-грчките односи, особено во светло на македонските ЕУ и НАТО-интеграции?
– Европската Унија е плод на франко-германското помирување, по три катастрофални војни: Француско-пруската војна од 1870-1871 и двете светски војни. Политиката на помирување со Грција, како и со Бугарија, која кулминира со Преспанскиот договор, промовирана од Владата на г. Заев, беше многу интелигентна и ефикасна, бидејќи го деблокира патот за интеграцијата на оваа земја за влез во ЕУ и во НАТО.
На самитот на НАТО во Брисел, пред неколку дена, Република Македонија доби покана да стане 30-та членка на Алијансата. На ниво на ЕУ, минатиот месец беше деблокиран патот, така што, во разумен временски период, може да започнат преговорите за пристапување. Претходниот чекор за ова е реализација на т.н. скрининг, кој ќе започне во наредните денови.

Просперитетот и модернизмот на Шпанија добија спектакуларен поттик со нашиот влез во Европската Унија и во НАТО. Како пријател на оваа земја, она што ви посакувам е да доживеете слична трансформација, благодарение на влезот во двете организации.

Кои се можностите македонско-шпанската економска соработка да се продлабочи и да се развие или, попрецизно, кога би можеле да очекуваме некоја шпанска инвестиција во македонското стопанство и, обратно, постои ли интерес за застапеност на одредени македонски производи во Шпанија?

– Во принцип, признавам дека економските односи помеѓу двете земји би можеле да бидат поинтензивни. Постои простор за пораст на нашата билатерална трговија и за пораст на инвестициите, во двете насоки.
И покрај сè, во 2017 година, Шпанија беше деветтиот најважен купувач на македонскиот извоз, во вредност од 95 милиони евра. Нашата позиција во ова рангирање не е лоша, особено ако се земе предвид дека сите земји што се позиционирани пред Шпанија, со исклучок на Германија и на Белгија, се соседни земји или се земји во регионот на Балканот. Додека Шпанија во тоа рангирање е дури и понапред од Турција, која, пак, е многу поблиску до Македонија.
Во македонскиот извоз кон Шпанија, компонентата од автомобилската индустрија е особено важна. Ова е логично, имајќи предвид дека Шпанија е втор производител на автомобили во Европа и седми во светот.

Во моментов, околу десет шпански компании силно се поврзани со оваа земја и јас сум убеден дека тој број ќе расте брзо во иднина. Пред сѐ, како што напредува државата во правните реформи насочени кон доброто владеење и владеењето на правото, кои ги штитат граѓаните и претпријатијата од произволното спроведување на власта, без оглед за која власт се работи, привлекувањето на странските инвестиции ќе биде сѐ позајакнато и уште позабрзано со приближувањето кон НАТО и ЕУ.
Промоцијата на македонските производи во Шпанија, како и онаа на шпанските во оваа земја, се должи пред сѐ на приватните иницијативи, така што сум убеден дека има многу македонски производи што би можеле да бидат добро примени во мојата земја.