На покана на на Македонската добротворна организација од Австралија (MCWA), поранешниот претседател Ѓорге Иванов ќе биде покровител на неколку настани од добротворен и хуманитарнен карактер кои ќе се одржат овој и следниот викенд во Мелбурн и во Сиднеј.

Настаните се организирани од неколку организации на македонската дијаспора од Мелбурн и Сиднеј и се за поддршка на повозрасните лица од македонската заедница во Австралија.

– Поранешниот претседател Иванов со подршка на овие хуманитарни активности се очекува да ја подигне свеста за можноста да се помогне и придонесе за подобар третман на повозрасните лица од македонската заедница. Сите овие настани се поттикнати од фактот што австралиската влада веќе има започнато промени и воведено реформи за поддршка и нега на возрасни лица од сите заедници кои живеат во државата – соопштија од Кабинетот на поранешниот претседател.

Покрај традиционалните вечери кои е планирано да се одржат на 22 февруари во Мелбурн и на 28 и 29 февруари во Сиднеј и Волонгог на кои што Иванов ќе има можност да се сретне со македонската дијаспора планирани се и повеќе активности како посета на училиште финансирано од Австралиската влада а во кое наставата се одвива на македонски и англиски јазик, посета на детска болница, посета на општината Витлеси и средба со градоначалничката од македонско потекло г-ѓа Емилија Лиза Стериовска, посета на седиштето на Македонската добротворна организација од Австралија  и средби со социјални групи, средби со преставници на македонската бизнис и академска заедница и уште неколку активности од хуманитарен карактер.

Посетата на Иванов на Австралија ќе заврши на 1 март, со средба со Македонците во Сиднеј на настан организиран од страна на фудбалскиот клуб Сиднеј Македонија.