фото: Емил Јовановиќ

Државниот секретар Мајкл Р. Помпео и неговата придружба, во која се помошникот државен секретар, Филип Рикер, амбасадорката на САД во Македонија, Кејт Мари Брнз и советниците Мери Кисел и Рики Вадел, денеска, како дел од програмата од посетата на нашата земја ја посетија црквата „Света Богородица Перивлепта“ во Охрид.
Ова значајно црковно и културно богатство на нашата земја, црквата „Света Богородица Перивлепта“, неодамна беше реновирана и заштитена со средства обезбедени преку програмите на УСАИД и посебниот амбасадорски фонд за заштита на цивилизациските артефакти на културно и историското наследство, од кој беа издвоени 650 илјади долари.

Оваа посета на државниот секретар Помпео и на американската делегација, ја потврдува оваа иницијатива и поддршка, со која досега се обновени и реставрирани Националната галерија на Македонија, Шарената џамија во Тетово, Златковата кула во Кратово, мозаикот во археолошкиот локалитет Стоби, како и манастирот „Света Богородица Елеуса“, во Вељуса, Струмичко.