Крсте Црвенковски за акцијата во Прилеп на 11 октомври 1941 година

Покраинскиот комитет со писмо бараше да се одложи акцијата!

Крсте Црвенковски

Пишува Блаже Миневски

Во врска со оружената акција на 11 октомври 1941 година постојат повеќе контроверзии, меѓу другото и тоа дека прво била стриктно договорена, па откажана од страна на Покраинскиот комитет… Според Крсте Црвенковски, месниот комитет веќе донел одлука за почеток на акцијата на 11 октомври, па тој на 10 октомври вечерта излегол во партизани: „Според мене, пресудна беше решителноста на Вера Ацева. Таа цврсто остана на ставот да ја извршиме акцијата и покрај писмото од покраинскиот комитет за нејзино одложување. Кога ја извршивме акцијата, во градот се крена потера со големи воени и полициски сили, така што не успеавме сите да дојдеме до местото од каде што тргнавме. На 23 октомври, со една посебна церемонија, со давање заклетва, се оформи штабот на одредот, кој го доби името ’Гоце Делчев’. Јас станав политички комесар на одредот. Меѓутоа наближуваше зимата и некаде во декември дојде на состанок во Прилеп истакнатиот револуционер Страшо Пинџур. Во селото Варош, во присуство на тогашниот секретар на Општинскиот комитет на Партијата, Пенко Здравковски, имав разговор со Пинџур. Тој ми кажа за одлуката на покраинското раководство одредот да се расформира и луѓето да се распоредат. Тоа е во почетокот на декември. Организацијата во Прилеп, која беше моќна, можеби и најмоќна во Македонија, имаше многу слабо влијание во селата и не можеше луѓето таму да се распоредат. Битолската организација имаше организирана мрежа ќелии, па добар дел од одредот отиде во битолските села.“


Историска дилема:

Дали ден на востанието треба да биде 11 октомври или 22 август?

Во една своја изјава народниот херој Вера Ацева има кажано дека „скопскиот партизански одред официјално не постоел затоа што така сакал Колишевски, а историчарите не смееле да пишуваат за него сè додека тој бил на чело на ЦК КПМ!“ Сепак, историските факти остануваат и, според нив, овој партизански одред е формиран на 22 август 1941 година, а првите диверзантски акции ги извршува во рудникот за хром „Радуша“, на аеродромот во Скопје и на пругата во околината на градот.
Како официјален датум за формирање на првиот скопски партизански одред се смета 22 август 1941 година, кога оваа партизанско-диверзантска група се стационирала на Водно над селото Горно Нерези, од каде што почнала да ги извршува своите оружени акции. На Водно останале 15 дена, каде што извршувале основни воени вежби. На 9 септември 1941 одредот добил наредба да се префрли на теренот на Скопска Црна Гора, каде што често биле обиколувани селата Чучер, Горњане, Бањани, Мирковци и други. Состаноци биле одржувани со претставниците од повеќе села, во неделите, кај манастирот „Свети Никита“. На тие собири најчесто зборувал Дане Крапчев, кој бил многу популарен меѓу селаните. На 4 октомври во селото Чучер е формиран првиот илегален орган на народната власт, претходник на народноослободителните одбори. На 10 октомври била донесена одлуката за координирани напади на сите партизански одреди во Македонија врз непријателски полициски станици, а следниот ден во Куманово и во Прилеп се преземени поголеми воени акции од тамошните партизански одреди, кои во Скопско од ’објективни’ причини биле одложени. Политиката на Колишевски била одредот да се држи настрана од клучните случувања. Тој не го вклучува ни во акциите на 11 октомври што требало да се случат во цела Македонија.

Во своето писмо упатено до Темпо, Вера Ацева меѓу другото вели: „Набргу по ослободувањето, на еден поширок состанок на ЦК КПМ, Кемал Сејфула, кој беше борец на Првиот скопски партизански одред, стана и го постави прашањето зошто на одредот не му се одбележува годишнината. Тогаш, на големо изненадување, Колишевски почна да кажува дека првиот скопски партизански одред не постоел. Ние реагиравме, посочувајќи дека тоа е невозможно, затоа што постојат партиски и политички документи и живи учесници во војната од тој одред. Но Лазо беше непопустлив. За Колишевски овој скопски одред не постоеше, а историчарите не смееја да пишуваат за него сè додека тој беше на чело на ЦК КПМ!“