Фото: Маја Јаневска-Илиева

Колкави се вистинскиот број оштетени штедачи и вкупната сума што неовластено им била симната од нивните заштеди, од поштенскиот службеник во Злетово, останува непознато, поради информативното „ембарго“ што владее за овој случај

По обелоденувањето на злоупотребите од поштенски службеник во поштата во Злетово, во скопската централа на „Македонска пошта“ пристигнале 15 пријави од граѓани, кои се жалат дека од нивните денарски штедни книшки неовластено им се симнати нивните влогови. Ова се неофицијални информации од извори во поштата, до кои дојде екипата на „Нова Македонија“, која прва информира за овој финансиски скандал, во кој се оштетени повеќемина лица што со години штеделе во злетовската пошта, а повеќето од нив се пензионери во поодминати години.

Колкави се вистинскиот број на оштетени штедачи и вкупната сума што неовластено им била симната од нивните заштеди, од поштенскиот службеник, останува непознато, поради информативното „ембарго“ што владее во „Македонска пошта“ за овој случај. Нашиот весник, уште по објавувањето на серијата текстови за злоупотребите од злетовскиот банкар, (објавени на средината на јули), побара официјално мислење од „Македонска пошта“, но досега не добивме одговори на поставените прашања.
Во меѓувреме, пристигна одговор од Одделот за односи со јавноста и стратегиски прашања во Министерството за внатрешни работи што, всушност, ја потврди информацијата за новата финансиска афера во источниот дел на Македонија, во која се оштетени повеќе граѓани.

– Ве известуваме дека Надворешната канцеларија за криминалистички работи – Пробиштип до Основното јавно обвинителство – Штип има поднесено писмено известување, за кое од нивна страна бил отворен предмет против А.Ј. (55) од Злетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ казниво по чл. 353 ст. 1 од КЗ на РМ. Целокупната прибавена документација доставена е до Основното јавно обвинителство Штип на нивна понатамошна постапка. На 12.7.2018 година во Надворешната канцеларија за криминалистички работи – Пробиштип биле примени нови граѓански пријави против „Македонска пошта“ АД Скопје, по смртта на претходно пријавеното лице А.Ј. Во согласност со одредбите од Законот за кривична постапка и со оглед дека предметот е под надлежност на ОЈО-Штип, Ве известуваме за сите други прашања во однос на овој случај да се обратите во ОЈО-Штип – стои во одговорот од МВР што беше испратен до нашата редакција.

Во претходните текстови пишувавме за начинот на кој се одвивале финансиските малверзации во поштата во Злетово. Имено, вработениот во оваа пошта со години го прикривал незаконското работење со штедните влогови на жителите од ова рударско место, а тоа останало незабележано од внатрешната контрола на поштенското претпријатие. Неговата „пирамидална“ шема била откриена случајно кога еден од постарите штедачи побарал да ги подигне сите средства во износ од 5.000 евра во поштата во Штип. Таму му рекле дека нема никакви средства на штедната книшка и го упатиле да провери во матичната пошта во Злетово. Вработениот му рекол дека нема пари и побарал од штедачот да почека за исплатата. Оштетениот граѓанин бил незадоволен од одговорот и случајот го пријавил во полицијата во Пробиштип. По полициската истрага поштенскиот службеник ја признава вината, а подоцна на штедачот му била исплатена целата сума што недостигала, а тоа е направено со меѓусебна спогодба. Полицијата го затвора овој случај, но од страв да не биде откриен за проневерите на другите штедни книшки на своите соселани, а многумина од нив и блиски пријатели и роднини, тој си го одзема животот со бесење. Ова го запалило алармното светло и кај другите штедачи, кои се посомневале во чесноста на поштенскиот службеник во поштата во Злетово.

Информацијата дека има и други пензионери што останале без своите заштеди, кои ги чувале за тешките денови, се проширила брзо и кај другите штедачи. Оттогаш почнува нивниот долг пат за враќање на тешко стекнатите денарски заштеди, кои толку лесно и со години биле симнувани од нивните штедни книшки. Кај нив е присутна неизвесноста за позитивен исход, со оглед што некои од штедачите наидуваат на низа „административни бариери“ во „Македонска пошта“, а некои од штедачите се препраќаат од една до друга канцеларија, без да ги добијат и основните информации за тоа кога ќе бидат обесштетени.

– Немаме никакви информации, иако поминаа повеќе од две недели од поднесувањето на приговорот со кој бараме исплата на сите влогови, кои се потврдени на официјална книшка на „Македонски пошти“ и со печат од поштата во Злетово. Од вработените добиваме различни одговори. Те била формирана посебна комисија, те нѐ препраќаат од една служба во друга, те чекале банката да им ги пресмета каматите. Во банката, пак, ни велат дека чекале информации од поштата за сумите што се уплаќани за да можат да пресметаат камати. Ние сме целосно збунети и не знаеме што да очекуваме – вели еден од оштетените штедачи.

Засега, на петнаесетината штедачи од Злетово им останува да веруваат само во ветувањата, кои им се даваат од високи функционери од „Македонска пошта“ и од Еуростандард банка дека ќе бидат „стопроцентно“ обесштетени!?

Екипа на „Нова Македонија“