На падините на Средно Водно, вчера, преку две показни вежби беше презентирана подготвеноста на полициските служби за спасувачки операции. Во конкретниот случај, како што соопштија од Министерството, беше симулирано спасување заглавени патници во кабини на жичница со примена на алпинистички техники, специјална опрема за работа на жичница, како и приод и евакуација со хеликоптер, демонстрирани од припадници на алпинистичкиот тим од Единицата за специјални задачи и хеликоптер со екипаж на Воздухопловната eдиница за полициски операции.

– Министерството за внатрешни работи имајќи ја предвид важноста на овој вид специјализирани тимови и служби, како за полициски така и за спасувачки намени, во континуитет го поддржува нивното надградување и модернизирање притоа издвојувајќи значителни финансиски средства за обука и опремување. Во изминатиот период за потребите на алпинистичкиот тим на Единицата за специјални задачи се набавени нова алпинистичка опрема и системи за спасување. Во соработка со амбасадата на Република Франција во неколку наврати е организирана обука на припадниците на алпинистичкиот тим на ЕСЗ со експертски тимови од Франција – се вели во соопштението.

Преку вакви презентации ѝ се овозможува на јавноста да се запознае со секојдневните активности на полицијата како и потенцијалите на министерството во остварувањето на своите законски надлежности и должности.

– И денеска се покажаа одличната подготвеност на полициските службеници и нивното ефикасно дејствување во корист на граѓаните – изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по завршувањето на вежбата, која беше организирана во состав на одбележувањето на Денот на полицијата – 7 мај. П.Р.